Печурка за ослободување од стрес, oд 11-15 долари
Изгледа како нешто помеѓу украс за во бавча и мноогу голема секси играчка, но во основа е медицински производ, и тоа со потекло од Јапонија, што само додава на неговата научност. Може да биде корисна за целото семејство, според официјалната реклама на производителот. „За татковците: да се ослободат од стресот користејќи ја ноќе! За мајките: да ја вежбаат рачната мускулатура дење! За децата: да ја фаќаат, да ја стискаат, да си играат со печурки кога и да сакаат!".
Истовремено, признаваат дека играчката е „благо фалусна", па во таа смисла ќе ве поштедиме од видеото кое го прикажува стискањето.
Секси кошаркарски дрес со качулка, меѓу 22 и 31 долар
„Сексито" во насловот се состои во навистина длабоки резови под мишките, кои овозможуваат да се гледа и значаен дел од торзото (брадавица - де лева де десна, зависно од позата, и најверојатни „мишелинки" околу појасот"). Во комплет со ликов (наочарите, прстенот се башка) нема потреба ни да продолжите да го читате списоков.
Капак за ВЦ со змии, од 3-8 долари
Сигурно сте ги чуле оние приказни кои звучат како урбани легенди за змии кои излегуваат од ВЦ-ињата. Ако сакате нечиј празник да претворите во кошмар, ова е вашиот подарок. Неколку дена претходно читајте му наслови од вести кои зборуваат за наезда на вакви суштества низ градов.
Навлака за перница со Николас Кејџ, 8-10 долари
Е ова е веќе сериозно. Навлакиве се од стопроцентен памук и на нив има различна слика на Кејџ во заводлива поза, вклучувајќи го „тепихот на љубовта" и дупчето на брадата. Има точно 17 дизајни од кои можете да бирате, кој од кој похоливудски и поеротични.
Каиш за бањање мачки, 9-14 долари
Тој што го измислил каишов или никогаш не чувал мачка или ја чувал онаа на Шредингер, ама кога веќе била сигурно мртва. Упатството вели: едноставно (!) врзете ја мачката, залепете го другиот крај за кадата, и потоа бањањето на вашата мачка е лесно. Според нас, полесно во када со ова би врзале змеј.
Пу-пури, спреј пред да завршиш работа, 10-15 долари
Идејата е со ова да се испрска пред одење во ВЦ, при што според производителот се создава „заштитна бариера на површината која ги заробува непријатните мириси и ги држи вон воздухот". Има разни ароми, меѓу кои ванила-минт, и еден што се вика „креп шутер". Можеби може да се користи и пред да кажеш некое срање?
Ништо, 10 долари
Да, добро прочитавте. Ова е идеален подарок за оној којшто има сè, па единствено што останува да му биде подарено е ваква празна амбалажа. Ама некако делува ко комплимент.
Топка за судирање (Belly Bump Ball), 60 долари
Без оглед дали сте во гужва во лифт во некој од трговските центри или во автобус, ова средство гарантирано ќе ви овозможи во вашиот его-простор да има само одбрани луѓе - вие. Голем личен радиус, тоа е поентата на оваа топка на дување, која можете да ја користите секаде каде што ќе сретнете други луѓе.
Што се однесува до нас, еве ни го посакуваниот подарок за празниците. Не е ни од далеку толку глуп колку претходните, иако навидум изгледа така - филтер ќесичка чај којашто кога ќе ја ставите во врелата вода се претвора во златна рипка. А кога веќе имате златна рипка, исполнувањето на другите желби некако му доаѓа гарантирано. Кутија од 12 филтери чини 80 долари. Па не е многу, шо?