Многу пред бескрајните варијации на реални шоу програми, каде главно се бираат луѓе што знаат да пејат, играат или имаат некакви акробатски вештини, авторите од германското говорно подрачје воспоставиле свое талент шоу. Се вика Фестивал на литературата на германски јазик, но е подобро познато по името на својата главна награда, признанието Ингеборг Бахман.
Настанот, кој започнал во 1977 и се одржува секоја година во Клагенфурт, Австрија, дефинитивно не е блескаво шоу со топ модели, пеење и играње. Поточно, тоа е тотална спротивност од ова - прилично „сува“ прослава на книжевноста.
Надевајќи се дека ќе стане следниот „топ“ автор, секој писател-натпреварувач чита свој необјавен текст во времетраење од 25 минути. Целото читање се снима во реално време, без посебни ефекти, дизајн или драматична музика.
Писателот едноставно седи на маса со жирито, а вообичаено има и публика (пандемијата доведе до онлајн настан во 2020 и хибридна верзија оваа година). Како и модерните кастинг програми, членовите на жирито реагираат на текстот по „изведбата“ на авторот. Но наместо да ги сумираат своите мислења во една-две кратки реченици („трилерите ти се предолги“, „вибратото ти е ко мекање на овца“), тие минуваат исто така скоро половина час во дисекција на прочитаното.
Оваа година се пријавени 14 автори, а настанот е тридневен читачки маратон кој делува тотално анахроно во време на клипчиња со тикток должина. Сепак, во германската јазична средина ова е влијателен настан и покрај неверојатно ниските ТВ рејтинзи. Голем број автори можат да очекуваат склучување договор со издавачи по учеството на фестивалот. Авторите-победници добиваат и меѓународно признание преку преводите на англиски на нивните дела по натпреварот.
Оваа година признанието ќе се додели 45-ти пат, а паричниот износ е 25,000 евра. Името на наградата е според австриската поетеса и авторка Ингеборг Бахман, која е родена во 1926 токму во Клагенфурт, каде што се одржува фестивалот.