Фотографот на Пикасо наполни 100 години

Во пресрет на изложбата на цртежи и графики од приватна колекција во Галеријата на МКЦ која се отвара на 19.02, ви го претставуваме единствениот фотограф на кого му било дозволено да ѕирне во интимниот живот на шпанскиот сликар, а кој пред некој ден наполни еден век.

Дејвид Даглас Данкан, веројатно најдобриот воен фотограф на 1900-тите, се изнагледал (и изнасликал) сè и сешто во својот долг и богат живот. Голем број конфликти и страдања, но и уметност и убавини.

Неговата кариера како фото-репортер започнала случајно. Еднаш се нашол во близина на хотел во Аризона, каде студирал археологија, кој во моментот почнал да гори. Фотографирал, а подоцна сфатил дека на една од сликите е фатен гостин како повеќе пати се обидува да се врати во хотелот, очаен по неговиот куфер. Излегло дека тоа е озлогласениот ограбувач на банки Џон Дилинџер, а дека куферот којшто се обидувал да го спаси е полн со пари од последниот грабеж, кога убил полицаец.

По краткиот ангажман како фото-репортер за локални весници, Данкан се придружил на американската морнарица и станал воен фотограф. Толку се прославил со сликите од Јужниот Пацифик, што спсианието „Лајф" го најмило да покрива голем број настани од историска важност, како крајот на британскиот колонијализам во Индија, или конфликтите во Источна Европа и на Блискиот Исток.

Особено славни станале неговите фотографии од Корејската војна, кои се собрани во книгата „Ова е војна!" (1951). Парите од продажбата оделе кај вдовиците и децата на маринците убиени во конфликтот.

Но покрај воените, Данкан е познат по неговите фотографии на Пабло Пикасо, кого го запознал преку колегата-фотограф Роберт Капа. Објавил седум книги фотографии документирајќи ја работата и приватниот живот на славниот сликар, а бил единствениот кому му било дозволено да фотографира голем број од приватните дела на Пикасо и да чкрапа низ неговиот дом. Денес Данкан живее во Франција, на истото место каде Пикасо ги помина неговите последни дванаесет години. И еве како изгледа:

6 февруари 2016 - 10:25