Формулата зад адреналинскиот „Ф1“

Филмот F1, со Бред Пит и Дамсон Идрис, црпи инспирација од повеќе вистински приказни и личности од светот на трките. Како извршен продуцент и консултант се јавува седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон. Не се разбираме од Формула 1, но филмот е динамичен и брз (а каков и да биде ако е за вакви трки?) и во комбинација со музиката го крева адреналинот. 

„Ф1“ е номиниран во четири категории за Оскари, и тоа за најдобар филм, монтажа, звук и визуелни ефекти. Тој ја следи приказната за Сони Хејс (Бред Пит), искусен но „излитен“ возач кој се враќа во Формула 1 по пауза од три децении, предизвикана од речиси фатална несреќа на патеката. Неговиот пријател Рубен Сервантес (Хавиер Бардем), сопственик на тим што се наоѓа на раб на пропаст, го убедува да се врати како еден од двајцата возачи. Сони мора повторно да се соочи со спортот што го повредил, но и да соработува со својот млад и амбициозен тимски колега Џошуа Пирс (Дамсон Идрис), со цел да ја прекинат низата лоши резултати и да го спасат тимот.

Несреќата што ја прекинува кариерата на Сони е инспирирана од вистински настан – страшниот судир на британскиот возач Мартин Донели на Големата награда на Шпанија во 1990 година. Донели тогаш излетал од болидот при огромна брзина и останал без свест на асфалтот речиси 11 минути. Во интервју од јуни 2025 година, Бред Пит откри дека токму таа несреќа била основа за минатото на неговиот лик, а Донели лично дозволил користење на неговите снимки и помогнал во обликувањето на карактерот.

Целта на „Ф1“ била да стане најавтентичниот филм некогаш направен за Формула 1. Затоа е ангажиран седумкратниот светски шампион, Луис Хамилтон, кој се јавува и како советник и како извршен продуцент. Иако приказната не е заснована на една конкретна вистинска приказна, темите се инспирирани од бројни реални случувања во историјата на спортот. Во Формула 1 не е реткост возачи да ја напуштат серијата, да се натпреваруваат во други дисциплини, а потоа повторно да се вратат, како Кими Раиконен и Фернандо Алонсо.

Друг важен мотив е судирот меѓу искусниот ветеран и младиот талент – тема што со децении ја следи Формула 1. Како пример се наведува сезоната 2021, кога Макс Верстапен му ја одзел титулата на Луис Хамилтон во контроверзен финиш, но и 2007 година, кога младиот Хамилтон како дебитант рамноправно се тркал со двократниот шампион Фернандо Алонсо.

Неколку ликови во филмот се создадени според вистински луѓе од светот на Формула 1. Актерката Кери Кондон (патем, снаата на Мајк во „Брејкинг бед“ - кој знае, знае) изјави дека за својот лик – техничката директорка Кејт Мекена – инспирација нашла во кариерата на Берни Колинс, поранешна стратег-инженерка и ТВ аналитичарка. Ликот на Рубен, пак, Бардем го градел како комбинација од различни сопственици на тимови што ги сретнал или видел во документарци. 

За дополнителна автентичност, филмот е снимен за време на вистински Формула 1 тркачки викенди во сезоните 2023 и 2024. Продукцијата имала сопствен, специјално изграден гаражен простор, а сцените се снимале на патеки како Силверстоун, Спа, Монца, Сузука, Лас Вегас, Абу Даби и Мексико Сити. Болидите на фиктивниот тим APXGP навистина возеле на патеката, со Бред Пит и Дамсон Идрис зад воланот. Хамилтон нагласил дека е исклучително важно актерите лично да ја почувствуваат брзината, G-силите и физичкиот напор во кокпитот, бидејќи тоа не може да се одглуми. Според него, токму тоа искуство им овозможило да ја разберат суштината на професијата и да ја пренесат на екранот.

27 јануари 2026 - 09:41