
Група дански и шведски филмаџии го заживеаа некогашното авангардно движење Догме 95, со манифест кој е „освежен“ како за добата на интернет. Тие дадоа свечена заклетва дека ќе прават барем по пет филмови годишно од рачно пишувани сценарија, без да користат интернет или електронски пораки во процесот.
„Во свет каде филмовите се базираат на алгоритми и вештачки визуелни експресии, нашата мисија е да се заложиме за несовршениот, специфичен, човечки елемент“, велат петмината филмаџии во соопштение прочитано на Канскиот филмски фестивал во саботата, 17.05.
Опишано како „мисија на спасување и културно востание“, Догма 25 е основано во Копенхаген од 47-годишната режисерка со потекло од Египет, Мај ел-Туку, чија еротска драма од 2019, „Кралица на срцата“ беше тогашен кандидат на Данска за Оскар. Таа исто така има режирано две епизоди од британската драма „Круната“.
„По Ковид-од сите цени пораснаа и сега добиваме помалку филм за истото количество пари. Ова е голем проблем за уметничкиот филм, затоа што веќе никој не се нафаќа на ризици. Целиот мејнстрим стои на рамениците на уметничкиот филм, па ако тој замре, нема да има никаква оригиналност“, вели таа. Во Догма 25 членуваат нејзини дански и шведски колеги.
Нивниот манифест е поддржан од двајцата најславни режисери кои изникнаа од оригиналното движење Догме, Томас Винтерберг и Ларс фон Трир и е направен во соработка со Зентропа, филмската продукциска компанија воспоставена од фон Трир.
Нискобуџетниот начин на работа на Догме 95, со филмови како „Прослава“ и „Идиоти“ имаше длабоко влијание врз современата кинематографија во Европа. Догма 25 додуша задржува само една ставка од самонаметнатите правила на оригиналниот манифест - дека секој филм кој е дел од движењето мора да биде снимен онаму кадешто се одвива нарацијата.
Другите правила се дека филмот мора да се работи според оригинално и рачно испишано сценарио, да се прифаќа финансирање кое не подразбира услови за менување на содржината, и да нема повеќе од 10 луѓе зад камерата. Најмалку половина од кој и да е Догма 25 филм треба да биде без дијалог, не е дозволено користење шминка или манипулација со лицата и телата, а сценографските и други елементи мора да бидат или изнајмени, најдени или веќе користени. Најсериозното барање е дека користењето на интернет е забрането во текот на целиот процес.