Електричниот автомобил што бил произведуван на грчки остров многу пред Тесла

Додека електричните автомобили денес најчесто ги поврзуваме со Илон Маск, уште во 1970-тите на грчкиот остров Сирос се произведувал еден од првите електрични автомобили наменети за поширока употреба.

Приказната за Енфилд 8000 започнала во Велика Британија, а зад неа стоел грчкиот милионер Јанис Гуландрис, сопственик на компанијата Енфилд Аутомотив, со седиште на Островот Вајт. Уште во 1960-тите тој почнал да размислува за практичен електричен автомобил, во време кога Британскиот совет за електрична енергија распишал натпревар за развој на возило со електричен погон.

Британскиот совет за електрична енергија распишал конкурс за развој на возило со електричен погон. Така се родил Eнфилд 8000. Автомобилот ги поминал потребните тестови за производство во Велика Британија, а постоеле и планови за негово производство во САД. Во еден момент, тогашниот гувернер на Калифорнија, Роналд Реган, наводно испратил транспортен авион за да пренесе три автомобили во Калифорнија, во рамките на неговите политики за намалување на загадувањето на воздухот. Сепак, американското производство никогаш не се реализирало.

Вкупно биле произведени околу 120 автомобили, од кои 65 биле користени од Британскиот совет за електрична енергија и електродистрибутивните компании во јужна Англија. Некои од нив преживеале до денес, а еден е изложен во музеј за транспорт во Источна Англија. Дизајнот бил необичен и за своето време. Аеродинамичната форма била дело на уште еден Грк – Константин Адрактас, кој бил претседател и технички директор на Енфилд.

Но најинтересниот дел од приказната доаѓа подоцна. Производството било префрлено во Грција, откако компанијата била интегрирана во Неорион, исто така во сопственост на Гуландрис. За место за производство бил избран островот Сирос.

Причините поради кои Гуландрис решил автомобилот да се произведува токму во Грција со текот на времето станале предмет на различни толкувања, па дури и на теории на заговор. Но тогашниот генерален директор, Танос Лебесис, имал едноставно објаснување: компанијата била грчка, автомобилот бил дизајниран од Грци, па според него било логично и да се произведува таму.

Времето изгледало идеално. Почетокот на 1970-тите бил период на голема енергетска несигурност и раст на цената на нафтата, па електричниот автомобил изгледал како технологија со голема иднина. Но Енфилд 8000 имал сериозни ограничувања. Не бил особено брз: до 48 километри на час стигнувал за помалку од 13 секунди, максималната брзина му била околу 77 километри на час, а со едно полнење можел да помине нешто повеќе од 80 – и тоа при релативно бавно возење.

На крајот, проблемот не бил само во перформансите. Во Грција биле отворени прашања околу даночната категоризација на електричниот погон, што го направило производството економски неисплатливо. Производството на Енфилд 8000 на Сирос престанало во 1977 година.

извор

29 септември 2026 - 13:45