Eдна година во која мажите нема да можат да објавуваат

Во 2018 една британска издавачка куќа нема да објави ниту едно дело од машки автор. Одлуката е резултат на две работи, кои очигледно функционираат ако сакаш да иницираш промена: јавна провокација и шарени дијаграми.

На 5 јуни во Гардијан излезе текст на Камила Шамси, пакистанска писателка која пишува на англиски, под наслов „Ајде една година да објавуваме само жени: провокација". Во него таа се осврна на родовата неизбалансираност на бројот на делата кои се објавуваат, и ги повика издавачките куќи на еден необичен проект - 2018 да биде година во која ќе се издаваат само книги напишани од жени.

Намерата со провокацијата успева, бидејќи една мала британска издавачка куќа And Other Stories, одлучи да го направи токму тоа - во споменатата година да објави само дела од авторки. Повод беше не само текстот на Шамси, туку и претходно објавена анализа на авторката Никола Грифит (за која пишувавме тука) која преку шарени инфографици убедливо илустрираше дека делата напишани од жени или во кои главен лик е жена не добиваат престижни книжевни награди.

Изборот на 2018 за ваква година паднал заради тоа што тогаш се навршуваат 100 години од моментот кога жените над 30 години добиле право да гласаат во Британија. Целта пак на издавачот не е по секоја цена да објави какви и да е дела напишани од жени, туку да понуди квалитетни книги кои можеби биле превидени во целиот процес на производство - од патиштата по кои се доаѓа до препорака за некој автор, негов/нејзин избор, уредничкиот пристап, и сите други фази преку кои одредена книга доаѓа до читателот.

11 јуни 2015 - 13:00