Со Вест се запознавме пред некоја година, кога ја претставивме неговата збирка есеи „Одржувајќи ја вербата" (тука), посветена на врската помеѓу филозофската теорија и политичкиот ангажман, која според него води преку прагматизмот. Веројатно на иста линија е и неговиот нов проект - соработката со џез композиторот, добитник на Греми, Артуро О'Фарил. Театарот Аполо нарачал дело за концерт со наслов „Џез и духовност", во кој се користат зборови на Вест и музика на О'Фарил за да се истражи "длабоката поврзаност помеѓу џезот и духовните традиции".
„Распределбата на богатство, полициската држава, лобистите и оние кои ги тегнат нивните конци - концертот е посветен на овие теми", објавил композиторот на самиот настан. „Но има и херои, мажи и жени кои ни ја формираат мислата и ни даваат храброст да издржиме, кои ни го креваат погледот кон повисоки предели. Корнел Вест е еден од нив", додал тој, повикувајќи го филозофот да му се придружи на сцената.
Обајцата во интервјуа пред концертот ги осудиле начините на кои џезот, но и музиката воопшто, се комодифицира и деполитизира. Во поголемиот дел од неговата историја џезот бил субверзивен и политички, а сега станува „санитаризиран и деодориран". Тој треба да остане глас на отпорот, на болката, на вистината.
Но „Концертот за Корнел Вест" била само една од неколкуте композиции изведени на настанот. Уште една која предизвикала стоечки овации била „Трамп Антрамп", која композиторот ја започнал со кратката но јасна најава - Фак Трамп!
Ова пак не е прва соработка на Вест со музичари. Има издадени три говорни албуми со музички илустрации, а неговиот глас се слуша и на песната Dear Mr. Man на Принс, во која рецитира: „Имај милост, имаме еколошка криза, систем на легализирано мито, нормализирана корупција, медиокритетно раководство и сертифицирана лажност".
За жал снимка од Аполо немаме, но еве видео за подготовката на концертот
И Dear Mr. Man