Насловите на новите песни се прилично индикативни за неговите ставови и без дополнителни информации - „Англија загуби“ (England Lost) и „Треба да се стегнеме“ (Gotta Get a Grip), и се директен одговор на, како што се вели на неговиот официјален сајт, „вознемиреноста и несигурноста на променливата политичка ситуација“. „Очигледно имаме многу проблеми. Дали сум политички оптимист?...не“, изјавил тој.
„Англија загуби“ во блузерски ритам ја раскажува приказната за разочарувачки фудбалски натпревар, метафора за тешкиот момент во британската историја, кој според Џегер се случува токму сега.
Ама ако ова е меланхолична песна, втората е дефинитивно мрачна. Во неа Мик пее: „Светот е превртен наопаку/Сите се ненормални и кловнови/Никој не ја зборува вистината/А лудницата го води градот“. Песната се однесува на лажните вести, имиграцијата, алчноста и војната. Сепак пораката е позитивна, а тоа дека треба да си го земеш животот во свои раце и да се обидеш во сиот тој мрак да направиш некаква промена.
Џегер ги напишал двете песни во април, и избрал да ги објави како засебни траки а не да чека да ги стави на албум, не затоа што се плаши дека нема да го дочека истиот, туку затоа што песните во меѓувреме би можеле да го загубат значењето и влијанието. Од она што му е музички интересно во последно време тој ги издвојува Кендрик Ламар и Скепта, британски рапер и продуцент, кој се појавува како соработник на верзија на првата песна.