Роберт де Ниро сениор бил апстрактен експресионист, сликар од уметничката сцена во периодот по Втората светска војна, современик на Џексон Полок, и протеже на славната колекционерка на уметнички дела, Пеги Гугенхајм. Иако на почетокот на кариерата бил успешен, со менувањето на стиловите во шеесетите, неговите дела веќе не биле интересни ниту за публиката, ниту за галеристите, кои се свртеле кон поп-арт сцената.
Истовремено, самиот тој бил комплициран карактер, кој го напуштил семејството кога малиот немал ни пет години. Иако повремено се дружеле, тој сепак за синот до крајот на животот останал енигма, а особено бил затворен по прашањето на сопствената сексуалност, бидејќи најверојатно бил геј.
Неговата приказна сега ја раскажува син му, во документарец под наслов „Сеќавајќи се на уметникот Роберт Де Ниро сениор". Идејата била повеќе интимна - да се соберат снимки и интервјуа кои би им го приближиле ликот на стариот на новите поколенија Денировци, внуците и правнуците. Истовремено со премиерата била организирана изложба на делата на Роберт сениор во галеријата Џули Нестор во Парк сити, Јута. Неколку слики се постојано изложени и во ресторанот Трибека на де Ниро помладиот, кој во 2000 направи и филмски фестивал под истото име.
Де Ниро и лично се појавил на овогодинешниот Санденс, кој ја одбележа 30-годишнината. Изјавил дека се надева дека и неговиот Трибека филм фестивал, кого го основа со продуцентката Џејн Розентал по 11 септември, ќе доживее ваков јубилеј.