Наградата „Трупка“ со задоволство почнавме да ја следиме пред некоја година (види тука), но некако ни се измолкна за време на пандемијата. Лани таа сепак била доделена на делото „Пандата по име Мик“, која се состои од обично мече панда со ливче залепено за него на кое пишува „Мик“ (пандемик). И другите финалисти биле интересни - „Глоубал ворминг“ - светлечка топка поставена на врв на шише со топла вода; „Зелена енергија“ - батерија офарбана зелено и „Принтс Ендрју“ - кукла која би требало да асоцира на принцот Ендрју и сексуалните скандали поврзани со него, со стратешки поставени отисоци од прсти на телото.
Оваа година наградата отиде кај делото „Оние што се буткаат преку ред“ - две мали џемперчиња наденати на штека за билијард, изработено од уметник под псевдоним Лај Инстејт, по професија кино-оператор. Станува збор за асоцијација на двајцата водители на познато британско шоу, Филип Шофилд и Холи Вилоуби, кои беа обвинети за тоа дека влегле преку ред во Вестминстер Хол за да ѝ оддадат почит на починатата кралица, наместо да чекаат како голем број други славни личности (Бекам, на пример, чекал 13 часа).
За наградата, која е обичен зеленчук - трупка на постоље, оваа година конкурирале 69 дела. Во финалето влегоа и „РИП Елизабета Втора“ - искината поштенска марка од втора класа (за помали пратки) од уметник со псевдоним Чарли Кинг или „Црвена линија“ - буквална самолеплива црвена лента на парче хартија.