Le Petit Larousse, односно неговото издание за 2022, ќе вклучи рекорден број нови зборови, од кои голем број се појавиле како резултат на пандемијата. Славниот илустриран речник така ќе стане побогат за дури 170 дополнителни единици, што отсликува нешто што уредниците го опишуваат како година која е без преседан во лингвистичка смисла.
„Никогаш не сум видел ваква јазична промена, ме потсетува на она што се случувало во текот на Француската револуција, појава на нови зборови и значења, и над сè, колективно присвојување на јазикот“, изјавил Бернард Секвилини, професор по лингвистика и научен советник во Л Пети Ларус.
Помеѓу новите лексички единици се именките Sars-CoV-2 и Covid-19, кои ќе бидат во женски род, quatorzaine е 14-дневен карантин, réa е реанимација или интензивна нега, télétravailler е некој кој работи од дома, а coronapiste е брза велосипедска патека, воведена во текот на пандемијата.
Додуша се очекуваат и реакции од конзервативната Француска академија, со оглед на тоа што некои од новите зборови се всушност англицизми (cluster, click-and-collect, batch cooking, émoji, mocktail).
Комитетот на речникот се состои од 40 луѓе, 20 вработени и 20 надворешни советници, од различни сфери, како гастрономија, уметност и технологија.