Во нова книга која ќе излезе на 19 јули, под наслов „Прекомплицирано: технологијата и границите на разбирањето", Семјуел Арбесман кој за себе вели дека е „истражувач на комплексноста и на иднината на знаењето", тврди дека не само што ние - аматерите - не го разбираме софтверот кој ги придвижува нашите автомобили или прави да работат нашите мобилни, туку дури ни генијалците во Епл или во Тојота не се секогаш сигурни околу тоа како функционираат нивните изуми. Истиот технолошки напредок кој е заслужен за поедноставување на нашите животи ги има направено системите кои управуваат со него неразбирливи, непредвидливи и прекомплицирани.
Како да се реагира на една ваква ситуација која веќе не може да се контролира? Наместо да му даваме отпор, за воопшто да опстанеме во ова ново доба, мораме да ја напуштиме нашата потреба за откривање на некакви општи принципи и правила, и да го прифатиме хаосот. Taка би прифатиле дека се можни неочекувани инциденти и покрај сето наше планирање и знаење, како падови на берзи или чудно однесување на апарати кои како на моменти да „полудуваат" (како возилата на Тојота кои самите забрзуваат, „исправна“ медицинска опрема која почнува да зрачи смртоносни дози радијација итн.). Дури и некогаш да успееме да направиме вистинска вештачка интелигенција, нема да можеме да го разбереме начинот на нејзино функционирање - таа ќе биде исто толку сложена и хаотична, и исто толку моделирана од историја и од култура, какви што сме самите.
Порано се сметаше дека „ренесансниот човек", некој којшто во себе обединува детални знаења од повеќе области, може да го знае сето она што е важно за функционирањето на светот. Но наместо во Ренесанса (Еnlightenment), сега сме во време на Заплетканост (Еntanglement), ера во која нашите технологии самите по себе се толку комплексни, што го надминуваат нашиот капацитет да ги разбереме. И проблемот не е во тоа дека машините се препаметни, туку дека ние треба да признаеме дека не сме толку паметни колку што мислиме.
Советот на Арбсман е да се вратиме кон интелектуалната скромност на едно минато време, и повеќе да ги цениме изворите на оваа нова комплексност. Сетете се на ова кога следниот пат понизно ќе молите да ви го средат мобилниот кој одеднаш одбива да се вклучи.