Синоп, приморски град во северна Турција, е родно место на контроверзниот Диоген, кој со својот, благо кажано едноставен животен стил, ги критикувал моќните и институциите (заради што бил протеран од Синоп), просел за да преживее и често спиел во нешто што го знаеме како буре, а всушност бил голем керамички сад. Станал особено познат по филозофските „герила-акции“, како шетање со светилка дење, велејќи дека бара чесен човек. Ги саботирал предавањата на Платон, деконцентрирајќи ги неговите ученици со тоа што си носел храна и гласно џвакал во текот на дискусиите. Плус јавно го исмеал Александар Македонски.
Сега една турска фондација протестира што на плоштадот во Синоп стои негова статуа, прикажувајќи го токму во позата со ламбата. „Ние не сме против уметност и скулптури“, изјавил претставник на групата според Хуријет. „Ние сме против фактот дека тие под изговор на еден споменик протнуваат грчка идеологија. Сакаме статуата да биде дислоцирана од влезот на градот и да биде пренесена во локалната византиска црква. Ќе се бориме за ова до последно“.
Ова не е првата статуа која наиде на неодобрување од истата фондација. Во 2016 нејзини членови влегле во музеј во Истанбул протестирајќи против скулптура на жена во бикини, со слика на нејзиниот стомак на султанот Адбулхамид Втори со исплазен јазик. Авторот на делото веднаш побарал негово отстранување од музејот, плашејќи се да не биде уништено.
Фондацијата Ербакан го носи името на човекот кој е опишан како „првиот исламистички премиер на Турција“. Неговиот многу краток мандат (1996-1997), се карактеризираше со отпор кон „западот“ и форсирање на исламистички режим во Турција. Војската, долго време сметана за бранител на секуларноста и Уставот кој подразбира одделеност на државата и религијата, го натера Ербакан да даде оставка. И тој, исто како и Диоген, е роден во Синоп.