Дали осудени терористи имаат право да пишуваат мемоари?

Новата автобиографија на еден од основачите на терористичката организација 17. ноември се продава како грчка алва. Додека некои се ужаснати, други ја бранат слободата на говор. 

Организацијата 17. ноември, позната и како 17N, екстремно левичарска урбана герила која во Грција, САД и Британија се дефинира како терористичка група, е формирана во 1975 од Александрос Јотопулос и Димитрис Куфодинас. Името го добила според денот на бунтот против воената хунта во Атина од 1973. Групата е обвинета за смрт на 23 луѓе и 103 терористички напади, при што првиот бил насочен против шефот на канцеларијата на ЦИА во Атина, Ричард Велч. Акциите продолжиле со атентати, киднапирања и грабежи на банки, во кои е проценето дека се однесени 3,5 милиони долари, за „револуционерни потреби". Расформирана е во 2002, по апсењето на неколку нејзини видни членови.

Еден од нив бил и основачот Куфодинас, кој се уште лежи затвор во Коридалос, близу Атина. Тој неодамна објави автобиографија под наслов „Роден на 17. ноември", која го следи неговиот животен пат од тинејџерските години до судењето. За само една недела таа во Грција, која во момент на економска криза не може да се пофали со високи тиражи на книги, е продадена во 15,000 примероци.

Роднините на жртвите и повеќето критичари го обвинуваат издавачот дека сака да заработи од судбината на жртвите. Еден од нив е Костас Бакојанис, кој имал 11 години кога неговиот татко, десничарски политичар, бил убиен од 17. ноември. Денес тој е градоначалник на Карпениси во централна Грција, и во отворено писмо обвинува дека „книгата и профитот од неа се потопени во крв".

Но други пак ја бранат слободата на говор, и велат дека високиот тираж не мора да значи дека луѓето се согласуваат со терористичките методи, на оваа или на која и да е друга група, туку едноставно сакаат да ја чујат и таа страна на приказната.

Реагираше и издавачот Ливанис, чии аргументи се дека дела на оваа тема се пишувани и претходно без да предизвикаат вакви реакции, и дека таа има историско значење. Сепак, тој се оградува од ставовите на авторот велејќи дека објавувањето на книгата не подразбира и целосна согласност со она што е напишано во неа.

Екстремистичките активности во Грција добиваат на сила заради економската ситуација во земјата. Во декември непознати напаѓачи пукале во резиденцијата на германскиот амбасадор во Атина, еден месец откако двајца членови на Златна зора биле убиени а трет сериозно ранет. Во јануари Христодулос Ксирос, уште еден член на 17. ноември исчезнал додека користел отсуство од затворот.

Извор: Екатимерини

15 март 2014 - 10:57