„Пантеон“ (на старогрчки „храм на сите богови“) е споменик во петтиот арондисман на Париз, изграден во 18 век по барање на кралот Луј XV. По Француската револуција тука е воспоставен мавзолеј за „истакнати“ француски граѓани, по угледот на Пантеонот во Рим кој е користен на овој начин од 16 век. Во него се закопани бројни значајни личности од историјата на оваа земја, иако има и такви чии тела се исчезнати или презакопани на други места. Меѓу другите во Пантеонот се остатоците на Марија Кири, Александар Дима таткото, Емил Зола, Виктор Иго, како и самиот архитект на Пантеонот, Жак-Жермен Суфло.
Сега претседателот Емануел Макрон е под голем јавен притисок да го зголеми диверзитетот на погребаните, со тоа што ќе нареди „пантеонизација“ на двајца сакани француски поети, Артур Рембо и Пол Верлен.
Петиција потпишана од 10 поранешни министри за култура, како и од долг список уметници и интелектуалци, бара овие двајца поети кои имале интензивна но и насилна врска во раните 1870-ти, со овој чин да станат „симболи на различноста“. Во свое време тие биле жртви на хомофобија, па се наречени и „француските Оскар Вајлд“.
Актуелната министерка за култура Розелин Башло, иако не ја потпишала петицијата, се согласува дека „внесувањето на овие двајца поети и љубовници во храмот би имало значење кое не е само историско и книжевно, туку и такво кое е длабоко релевантно денес“.
Сепак, иницијативата наиде и на критики. Има и противници кои велат дека станува збор за културолошка борба за моќ, и дека ништо во животите на овие двајца уметници не сугерира дека тие би сакале да припаѓаат на некаков патриотски клуб на бесмртните. Единствено е релевантно што тие би биле единствените во Пантеонот кои се поети, не сметајќи го тоа што Виктор Иго пишувал и поезија.
Во моментов Рембо е погребан во Шарлвил, Лорен, а Верлен на гробишта близу кружниот тек околу Париз. Нивната врска завршила во 1873, кога Верлен испукал од пиштол и го ранил Рембо, инцидент кој се случил во Брисел. Нивната врска траела две години, почнала кога вториов имал само 16 години, а Верлен (тогаш на 27) бил женет со 17-годишна жена која во тој момент била бремена. Но не само поради нивните бурни приватни животи, тие не биле и нешто многу потресени за својата татковина. Во текот на француско-пруската војна, Рембо изјавил дека дури би ја поддржал пруската победа. А што се однесува до самиот Пантеон, неговото мислење било дека тоа е „официјален Акропол, кој го води модерното варварство во нови екстреми“.