Можеби ментално сте веќе на следен годишен одмор или планирате некакво службено патување. Од следната година ќе може да се сместите во некои од најуникатните, откачени станови и други простори кои можат да се изнајмат преку сајтот Airbnb. 100 амбициозни градители, архитекти и дизајнери од 23 земји од компанијата ќе добијат по 100.000 долари за да реализираат крајно неконвеционални идеи.
По соопштувањето на идејата во јуни оваа година, до Airbnb стигнале десетици илјади апликации - во таа рана фаза единствено беше потребно да се опише идејата. Потоа, панел судии ги разгледуваа предлозите и побараа од финалистите да изработат планови, архитектонски скици и да направат видеа.
На тој начин се дефинирани 100-те добитници. Селектираните дизајни се во опсег од научно-фантастични креации до луцидни решенија базирани на рециклирање. Сето останато е тешко да се опише со зборови и треба да се види, а откако ќе се изгради, и да се доживее.
777 од идеите вклучувале овошки, 680 биле инспирирани од вино, 509 личеле на печурки, 961 вклучувале музика а 1.214 биле куќички на дрва. Учесниците требало да почитуваат и еколошки принципи, па 7.931 предлози вклучувале соларни панели.
Еден од победниците дизајнирал живописна повеќекатна зграда која изгледа како голема кутија житарици. Фарма во Ајдахо наскоро ќе биде дом на огромна саксија во која ќе може да се престојува, при што гостинот ќе биде и буквално обиколен со цвеќиња. Има и такви во форма на череп од диносаур, авокадо, како и легнато (и насмеано) прасе (слика горе).
Има и проекти кои веќе се во фаза на развој, како поранешен комплекс полн со ракетно оружје во централен Арканзас, наречен ранч Титан, кој ќе ги искористи доделените средства за правење на реплика на нуклеарна ракета со станови во неа. Еден од проектите кој се базира на рециклирање е на брачен пар кој ќе конструира куќа од големи гуми на својот ранч во Мичиген.
Иако сите овие дизајни нема да бидат подготвени за букирање до следната година, компанијата веќе има необични места за изнајмување кои се во рубриката ЛММ (Леле мори мајко! или што би се рекло OMG).