Да се воведе кај нас - архитектите облечени во своите објекти

Сакаш да градиш нешто? Направи макета, облечи ја, стави се среде маалото кадешто би требало да е лоцирана и погледни наоколу. Личи или е грдо? Удобно ли ти е или се гушиш? Ти паѓаат ли делови од облеката бидејќи не се добро прицврстени?

На 13 јануари 1931, Друштвото на архитекти на Њујорк одржало бал во хотелот Астор. Според рекламата за настанот, секој кој ќе плател 15 долари по билет (што во текот на Големата депресија биле големи пари) можел да види „пресмешна модерна уметничка изложба“ и нешта кои се „модернистички, футуристички, мистични и фемнистични“.

Присутните, помеѓу другото, можеле да посведочат и тоа како изгледаат 20 славни архитекти облечени во зградите кои ги дизајнирале, а кои станале одличја на „Големото јаболко“.

На сликата погоре од лево кон десно се - А. Стујард Вокер како Фулеровата зграда (1929), Леонард Шулц како хотелот Валдорф-Асторија (1931), Илај Жак Кан како зградата Скуиб на Петтата авенија, Вилијам Ван Ален како зградата Крајслер (1930), Ралф Вокер како број 1 Вол Стрит (1931), Д. Е. Ворд како кулата Метрополитан и Џозеф Фрилендер како Музејот на градот Њујорк.

Во 2006 Њујорк Тајмс забележува дека настанот се смета за „една од најспектакуларните журки на минатиот век“. За жал од неа постојат многу малку фотографии и само ова необично видео.

3 јануари 2025 - 12:54