„Чувари“ (или во оригинал „Хранители“) е нискобуџетна продукција на „Господар на прстените“, која на кратко се прикажувала во 1991, годината на распадот на СССР. Овој месец серијата беше качена на Јутјуб од рускиот телевизиски канал 5ТВ (наследник на Ленинград ТВ, оригиналниот продуцент).
Станува збор за екранизација на првиот роман од трилогијата, но иако читателите можеби ќе го препознаат заплетот и ликовите, психоделичната советска верзија е во најмала рака малку поразлична од епската филмска верзија на Питер Џексон, која излезе една деценија подоцна.
Од она малку што го видовме, серијата делува како школска претстава, костумите се изгледа позајмени од театар (Гандалф изгледа како лик од Шекспир), а Сем (другарот на Фродо Багинс) поради нешто има четири веѓи. Куклата-орел која го спасува Гандалф изгледа како пијан галеб, а компјутерската графика од денешен аспект делува како намерно пародизирана.
Денес во Русија има голем број обожаватели на „Господарот на прстените“, но тие, а особено повозрасните, во оваа продукција повеќе гледаат знак на една земја која се распаѓа, отколку што навистина уживаат во дејството.