„Произведување согласност: Ноам Чомски и медиумите“ е документарец од 1992 на двајца канадски режисери кој се надоврзува на идеите во книга со ист наслов (Manufacturing Concent) на Чомски од 1988. Главна тема и на филмот и на книгата е моќта на медиумите како идеолошки институции да спроведуваат пропаганда во корист на доминантните, елитни општествени групи, притоа потпирајќи се на пазарот, на веќе постоечките (лажни) претпоставки и на автоцензурата.
Во филмот има и момент кога Чомски зборува за Супер Боул, чии преноси рушат рекорди на гледаност (оној од 2. февруари оваа година е најгледаниот телевизиски настан во американската историја, со 111,5 милиони гледачи). Според него целта на ваквите преноси, и на спортот во целина е „чиста диверзија". „Тоа си тие вистински масовни медиуми чија целна група се оние набилданите. Единствената цел им е заглупување на умовите на луѓето."
Секако ова е поедноставување, но тоа е истиот менталитет на одвлекување на вниманието како и насловите од типот „Мајка со дете со шест глави" (секако со неколку извичници). Истото е и со астрологијата, или фундаментализмот, вели Чомски. Сите тие се начини за одвлекување на вниманието на луѓето од она што е навистина важно, и намалување на нивниот капацитет да направат некаква промена.
„Се сеќавам во средно. Одеднаш се прашав себеси зошто треба да ми е гајле дали мојот тим ќе победи во фудбал? Мислам, јас не познавав никого од тимот. Тие немаа никаква врска со мене, тогаш зошто јас навивам? Тоа нема смисла. Но од друга страна и тоа како има смисла: тоа е метод на градење нерационални ставови кои овозможуваат потчинување на авторитет, и групна кохезија..тоа е всушност тренинг во ирационален „џингоизам" (кој може да се движи од патриотизам изразен низ агресивна надворешна политика до екстремен тип национализам). Истото е карактеристика на компетитивните спортови. Тоа се истите функции, и токму затоа се посветува толку енергија во нивна поддршка и создавање основа за нив, и токму затоа оние кои се рекламираат се подготвени да платат големи пари" (поточно 4 милиони долари за реклама од 30 секунди или околу 133.333 долари за секунда).
Целиот филм подолу (167 минути)