Настанот, организиран од уметничкиот колектив Казагранде од Чиле, го отвара она што се нарекува најголем собир на поетите во светската историја - Поетри Парнасус, кој ќе започне вечерва на јужниот брег на Темза, а ќе трае цела недела, како ехо на поетскиот дух на древните Олимписки игри.
Песните кои ќе бидат фрлени како летки се од поети од сите 240 олимписки нации, како и по 50 дополнителни песни од современи чилеански и британски поети. „Сакаме ова да го правиме во градови кои биле бомбардирани со вистински бомби во минатото, да го повториме настанот, но во сосема различен контекст", вели претставник од Казагранде, кој организирал фрлање песни и врз Берлин, Варшава, Герника, Дубровник и Сантјаго.
При секое претходно „бомбардирање" на крајот не можело да се најде ниту една песна останата на земја - луѓето буквално се тепале да си фатат една. Може не толку заради песните, туку заради чувството дека нешто убаво ти паднало од небо.