Човекот кој создаде нов жанр

Чак Лор и пораките на крајот од епизодите од неговите серии

Има веројатно такви меѓу вас кои се сметаат за големи фанови на Two and a Half Men или на Big Bang Theory. Ајде да видиме - знаете ли дека по крајот на секоја епизода има порака, која за да ја прочитате морате да го паузирате видеото?

„Продукциско лого", или популарно наречена vanity card се користи од страна на продукциските студија за да го брендираат она што го произведуваат - филм, видео игра или телевизиска серија - со тоа што на почетокот и/или на крајот од секој од нив ставаат некаков препознатлив „потпис" на компанијата. Наjпознатите примери се лавот на MGM, замокот на заспаната убавица на студијата на Дизни или планината на Paramount Pictures.

Но Чак Лор, познатиот сценарист и продуцент, е заслужен за издигнувањето на ова продукциско лого во (речиси) книжевен жанр. Почнувајќи од неговата серија Dharma&Greg (1997-2002), на крајот од секоја епизода, веднаш по официјалната одјавна шпица, тој вметнува пораки до гледачите, кои толку кратко се задржуваат на екранот што или треба навистина да сте концентирани за да ги забележите, или да дознаете дека воопшто постојат од луѓе кои „ги интересираат такви работи", што е еуфемизам за благо забегани.

Со истата практика тој продолжил и во многу попопуларните Two and a Half Men и The Big Bang Theory, пишувајќи ги пораките како некаков дневник или есеј во продолженија, без некаков однапред утврден концепт. Има тука и интимни интроспекции, и цитати од познати дела, и гнев упатен кон некој што го нервира, вистини за животот, вицови. Но во некои од нив тој толку плука по луѓе и институции (вклучително и по Холивуд), што тие не можеa да останат незабележани. Има такви за кои се зборуваше дека го нарушиле неговиот однос со Чарли Шин, други се против одредени корпорации (и корпорациите воопшто), има такви за поддршка на Обама но против учеството на САД во било каква војна, а некои од споменатите беа и цензурирани.

Во 2012 излезе книга со избор од нив - „Она што не нè убива нè прави огорчени", што е насловот на картичката број еден, која се прикажала по првата епизода на Дарма и Грег. Еве само две од тие пораки (во некои има и фотографии, цртежи или звук), а сите можете да ги видите, по број на епизода од одредена серија тука 

Не се заљубувај во жена која имала секс со некој од твоите рокенрол херои. Без разлика колку си бил емоционално вовлечен, никогаш повеќе нема да уживаш дур го слушаш Ерик Клептон.

Не манијачи по сајтови каде луѓето оставаат коментари за твојата работа, освен ако не си пијан.

Не користи емотикони. Премногу си стар за да комуницираш како 12-годишно девојче.

Не заборавај дека си производ на култура која почнала да полудува пред околу 10,000 илјади години. Прилагоди си го мислењето соодветно на ова.

Не одговарај на прашања на ТВ критичари за состојбата на телевизиската комедија. Тоа е стапица.

Не јади ништо поголема од твојата глава. Било точно во шеесетите, точно е и денес.

Не верувај на тоа срањето дека си онолку млад колку што се чувствуваш. Твоите чувства лажат.

Не гушкај луѓе додека се ракуваш со нив. Аман веќе од тоа. „Шугот" (shake/hug) е веројатно нешто што Римјаните го правеле кога нивната империја почнала да пропаѓа.

(На крај од епизодата #184 од Big Bang Theory)

 

27 јули 2014 - 17:48