Да се разбереме, ова се тотално непотребни предмети кои не служат за ништо посебно освен за ќеф и/или сигнализирање култивираност на културно инфериорната околина. Ама па што ти треба повеќе од новогодишен подарок?
Џој Дивижн украси за елка
Во моментов на сајтот Етси велат дека се распродадени, ама очекуваме оваа неправда наскоро да биде исправена. Малку мрак во стереотипното „сите желби да ти се остварат“ ја спушта празничната еуфорија и работите ги прави малку пореални.
Фластери со навреди од драми на Шекспир
Овие се асли медицински фластери, ко за кога ќе се исечеш од хартија, ама истовремено се и подвижни мали билборди со пораки кон љубопитните. Од типот „Do thou amend thy face, and I'll amend my life"
Боенка Глен Клоуз
Во описот на Амазон велат дека станува збор за сликовница од 38 страници посветена на актерката која има „рекорден број номинации за Оскар, без да го добие“. Малку ни е сомнително што не објавиле ниту една илустрација од внатрешноста на книгата, а таа се води на 91-то место во категоријата „набљудување птици“ и 68-то во „птици“. Може има внатре некој лебед...
Крпа за кујна „Мустаќите на Дали“
100% памук, пар препознатливи мустаќи и изрека - „Не сум чуден. Само не сум нормален“. Може да се користи и како чаршафче.
Боб Рос шоља за кафе
Ова ни е меѓу фаворитите - Боб Рос со неговиот насмеан лик и пуцвал коса, кој ни асоцира на спокоен глас и кичести но пак некако фини слики. Шољата менува боја кога во неа ќе се стави топло кафе или чај.
ЕУ двојни ракавици за рерна
За жешки теми, со порака од англискиот поет Џон Дон - „Ниту еден човек не е остров“
Бришалка за чевли со цитат од Сартр
Сосема соодветен за несакани гости.
Мека кукла Ник Кејв
Грда, ама па во описот пишува „не е играчка“. Може е нешто вуду? Го буцкаш секој ден цела година, и на крај доаѓа на концерт во „Борис Трајковски“.
Средство за дезинфекција на раце „Лејди Магбет“
Не сакаме да знаеме за што сè може да се користи. Го продава Националниот британски театар. Имаат и кукличка за на прст со ликот на Бертолд Брехт.
За нас сепак бришалката...