Во „Акрополис“ секој играч (1-4) гради антички град составен од различни елементи – куќи, храмови, градини, касарни и пазари. Но, за разлика од многу други игри со поставување плочки, таа воведува и вертикално градење. Повисоките нивоа носат поголема вредност на одредени делови од градот, па секоја одлука станува баланс меѓу моменталната корист и долгорочната стратегија.
Правилата се учат брзо, но играта не се „отвора“ веднаш. Дури по неколку партии почнувате да сфаќате колку внимателно е дизајниран секој механизам. Дали да ја земете плочката што веднаш носи поени или онаа што можеби ќе стане темел на нешто многу поголемо? Дали да градите во ширина (поскромно во бодови, но кумулативно исплатливо) или во висина, на нивоа кои се бодуваат повеќе, но затоа пак поради нив се жртвуваат претхнодно поставени градби? Дали од „банката“ да земете одредена плочка само затоа што е бесплатна, или да потрошите еден или два токени (сиви камчиња) кои ви следуваат за оние што се плаќаат, а кои можеби повеќе ви се вклопуваат?
Играта е елегантна, не затоа што е нешто посебно дизајнирана или „револуционерна“, туку затоа што речиси и да нема непотребен елемент. Сè што е ставено на масата има своја функција. Нема вишок правила, нема механики што постојат само за да ја направат играта „покомплексна“. Можеби најголемиот комплимент што може да ѝ се даде е што по завршувањето на партијата сакате веднаш да започнете нова, во која ќе бидете (демек) попаметни и повнимателно ќе ги бирате елементите.

Aко барате директна конфронтација, драматични пресврти или многу интеракција меѓу играчите, овде нема да ги најдете. Акрополис е тивка игра. Не создава тензија преку напади врз противникот, туку преку малите лични дилеми што ги носи секој потег. И токму во тоа лежи нејзината привлечност. Ова нејзините автори многу добро го знаат, па експанзијата „Атена“ не се обидува да воведе кој знае какви промени, туку внесува неколку нови цели и можности што ја прават секоја партија малку понепредвидлива. Не е задолжителна за да се ужива во Акрополис, но за оние што веќе ја имаат одиграно повеќепати, претставува добредојдено освежување (патем, има уште една екстензија, Пантеон, која не сме ја пробале). И основната игра и екстензијата „Атена“ ја имате во Гоблин. Може да се игра и со поглед на планина или езеро.
Илина, Букбокс
Види претходно: „Илијада“ или како да ја добиеш наклонетоста на боговите