Бизнисменска клетва

Да даде Господ детето да ти учи старогрчки

Во 1957, кога имал 18 години, идниот милијардер и основач на Си-ен-ен, Тед Тарнер, му кажал на татко му - билборд магнат - дека сака да студира класични јазици на Универзитетот Браун. Татково, во очај, му го испратил следново писмо.

Драг сине,

Вчудоневиден сум, дури и ужаснат, од тоа дека сакаш да студираш класични јазици. Всушност, речиси повратив денес на пат кон дома. Можеби сум старомоден па затоа верувам дека целта на образованието е човекот да формира заедница со луѓе со слични интереси, да ги запознае, и да научи како да излегува на крај со нив. За да го стори тоа, секако, тој мора да научи што ги мотивира, и како да ги натера да бидат задоволни со неговите цели и желби.

Јас сум практичен човек, и што се однесува до мене никако не можам да разберам зошто би сакал да зборуваш грчки. Со кого ќе комуницираш на грчки? Во последниве години ги прочитав размислувањата на Платон и Аристотел, и ме интересираше што мислеле тие стари копилиња, чии умови функционирале на сличен начин како и нашите денес. Бев зачуден колку време имале да размислуваат и да анализираат, и бев заинтересиран за тој вид цивилизација која би дозволила такво бескорисно медитирање. Сфатив дека тоа и не е толку восхитувачи - на крајот на краиштата тие мислеле како нас бидејќи моите Херефордски крави денес се многу слични на оние пред десет или дваесет генерации. Вчудоневиден сум дека сакаш да ги проучуваш Платон и Аристотел кога нивните дела би можеле да ти бидат фина лектира во слободното време, како релаксација некогаш подоцна. Не можам да разберам зошто би бил толку живо заинтересиран да се информираш за влијанијата на класичните јазици врз англиската литература. Не е неопходно да знаеш како да направиш пушка за да знаеш како да ја користиш. Ми изгледа дека би било доволно да се научи англиска литература, без да се навлегува во влијанијата на оваа или онаа древна митологија врз неа. Што се однесува до грчката литература, историјата на римските и грчките цркви, и уметноста во тие области, ми изгледа дека е многу подобро да научиш нешто за современата литература и работите кои можеби имаат некое значење за тебе и луѓето со кои подоцна ќе општиш.

Овие твои теми можат да те поврзат само со неколкумина изолирани непрактични сонувачи, и одбрана група факултетски професори. Боже сочувај!

Ми изгледа подобро да воспоставиш заеднички интереси со колку што е можно повеќе луѓе. Со луѓе кои се движат, кои прават нешта, и кои имаат интересен, а не декадентен профил.

Претпоставувам секој мора да биде некаков сноб, и претпоставувам дека ти ќе се чувствуваш како нешто посебно во однос на стадото ако станеш класичарски сноб. Те гледам како влегуваш во бар засенувајќи неколкумина, му се вртиш на фраерот на шанкот до тебе - современ билборд барон од Подунк, Ајова - велејќи: „Па, што мислиш за стариот Леонидас?". Твојот пријател, билборд баронот, ќе ти се сврти и ќе рече: „Кој бе Леонидас?". Ти ќе му се свртиш и ќе речеш: „Па Леонидас, славниот Грк на дваесетиот век". Тој ќе ти возврати: „Е кој е бре тој?". Ти ќе речеш: „О не го знаеш Леонидас?" и ќе го откачиш, не разговарајќи ништо со него до крајот на вечерта. Тој ќе се осети ко најголем сељак од Подунк, Ајова. Верувам дека ова ќе ве направи обајцата среќни, и како резултат на тоа, ти ќе ја купиш неговата фирма за билборди.

Нема сомневање дека овој тип на бескорисни информации ќе те оддели, ќе те изолира од оние кои нешто прават во светот. Ако ти оставам доволно пари, можеш да се пензионираш во кула од слонова коска, и да медитираш до крајот на животот околу влијанието кое го извршиле хиероглифите го извршил предисторискиот човек врз делата на Вилијам Фокнер. Случајно, тој ми беше современик во Мисисипи. Ние зборуваме на ист јазик - курви, ороспии, јаки зборови и силни дела.

Не е на крај ни важно што мислам. Важно е што сакаш да направиш со твојот живот. Само сакам да почувствувам дека влијанието на тие старовремски професори и кулите од слонова коска те формираат во онаков човек со кој би можеле да се гордееме. Сигурен сум дека обајцата ќе бидеме задоволни и воодушевени кога ќе те претставам на некој пријател и ќе речам, „Ова е мојот син. Тој зборува грчки".

Во текот на Божиќните празници вечерав со еден експерт, економски советник на Индија, кој е член на Бордот на директори на регентите на Харвард, поседува околу 80,000 акри шума погодна за експлоатација, што е само дел од неговите имоти. Неговиот син и семејството му беа на посета. Ме претстави на синот, и потоа како да се извинува рече: „Тој е математичар-теоретичар. Не ни знам за што зборува. Живее во различен свет". По кратко време почнав да зборувам со него, и единственото нешто за кое можевме да зборуваме беше во врска со неговата работа. Исто така не го разбирав, па си заминав рано.

Ако сакаш да останеш на Браун, и да бидеш професор по класични јазици, предметите кои ќе ги одбереш ќе ти овозможат доживотна поврзаност со Гејл Нојс. Тој веројатно ќе те научи дури и како да направиш желе. Според мене, тоа нема да ти помогне да општиш со луѓе во овој свет. Мислам дека рапидно стануваш кретен, и колку побргу излезеш од таа загадена атмосфера, толку повеќе ќе ме израдуваш.

Ох, знам дека сите викаат дека факултетското образование е неопходност. Па, се тешам себеси со тоа што велам дека едно време сите викале дека светот е коцка, освен Колумбо. Само ти продолжи да чекориш со светот, а јас ќе се снајдам сам.

Се надевам дека сум во право. Ти си во раце на Филистејците, а по ѓаволите, јас те испратив таму. Извини.

Срдечно,

Тато

* Тед Тарнер најпрвин се запишал на класични јазици, но потоа се префрлил на економија. Пред да дипломира бил исфрлен од Браун, бидејќи бил фатен со женска во собата. Подоцна сепак добил почесна диплома.

28 јули 2012 - 07:58