Самоделски автомат за книги

Библио-мат

Имаме предизвик за студентите по машинство, дизајнерите и хаусмајсторите - ако направите еден ваков, ние ќе ги донесеме книгите. Ваши ќе бидат паричките.

Стивен Фоулер, сопственик на книжарница за користени книги во Торонто, добил идеја: да го ослободи просторот од книги кои веќе не му се потребни, за некоја багателна цена. Неговата жена имала предлог: автомат на парички.

„Прво мислев дека тоа би можел да биде некој голем фрижидер, да го обоиме за да личи на таков автомат, внатре да затвориме некој слабичок соработник, кој би ги фрлал книгите кога луѓето ќе фрлат паричка", изјавил тој.

Но неговиот пријател Крег Смол, кој води студио за анимација во истиот град, имал подобра идеја - да направат таква машина од нула.

„Библиомат"-от работи веќе неколку недели, навистина е голем колку (голем) фрижидер, стои во книжарницата на Стивен, а на него пишува: „Секоја книга е изненадување. Ниту една не е слична на другата. Собери ги сите 112 милиони наслови".

Нормално, кога ќе фрлите паричка, не знаете која книга ќе ви се падне. Нeкоја девојка добила книга со наслов „12 најтешки удари во голф", и иако најпрвин се разочарала, после ѝ текнало дека има кому да ја подари за Божик. Децата, ама и возрасните, сакаат изненадувања, и се возбудуваат кога старото телефонско ѕвоно ќе го означи паѓањето на книгата. Одличен ефект, за само два долара.

19 ноември 2012 - 16:33