Ако нашиот крајолик некогаш ви збоктиса додека возите од Велес до Градско, што да кажат Мексиканците - делот од познатата Рута 66 кој минува низ Ново Мексико е пустина и во географска и во забавна смисла. Дури и да застанете нема што многу ниту да се прави, ниту да се види. Ама затоа има нешто да се чуе.
Пред две години Одделението за транспорт на Ново Мексико, заедно со каналот Нешнл Џиографик дошле до идеја да направат пат кој пее. Секогаш кога некое возило ќе мине по делот кој е посебно дизајниран за да произведува музика, од него се слуша „Америка е убава" (ок, ама можеле бар некоја верзија од Rout 66 да стават). Притоа има еден услов, колата да вози со 70 километри на час.
Целта на ваквиот пат е двојна: да ги поттикне возачите да го почитуваат ограничувањето на брзината, но и да предизвика малку возбуда во инаку монотоното патување.
Рутата 66, воспоставена во 1926 како еден од првите официјални автопатишта во САД, кој ги поврзувал Чикаго и Л.А., е значаен „топос" во историјата на американската култура, со бројни референци во книгите, филмовите и особено во музиката. Нејзиното спомнување асоцира на слобода, авантура и природни убавини. Опаѓањето на патот и на местата кои гравитираат околу него започнало во 1956, кога како одговор на подемот на автомобилската индустрија во Америка властите почнале да градат понови, побрзи и подобри автопатишта, како Интерстејт 40. На 27 јуни 1985 Рутата 66 официјално била избришана од системот на автопатишта на САД. Иницијативата како горната е само една од многуте кои се обидуваат да ѝ го вратат сјајот, вклучувајќи ги во туристичката понуда необичните места кои се наоѓаат долж патот, како Музејот на правосмукалките во Мисури.
Изработката на патиштата што пеат бара доста наука, земање предвид на вибрациите на секој тон и далечината помеѓу две „рампи", односно онакви ленти на патот кои се со поинаков дизајн од асфалтот и служат малку да те расонат кога автомобилот ќе мине над нив. Вакви патишта има и во Данска (се вика „Асфалтофон") и во Јапонија („Мелодичен пат"). Компанијата Хонда изградила еден близу Ланкастер, Калифорнија, како дел од рекламна кампања.
Но целиов овој текст всушност го почнавме заради една идеја - по нашите патишта, возејќи сосема бавно, да ви засвири оваа.