Што правите кога ќе добиете подарок кој ниту ви се допаѓа, ниту ви треба? Кај нас традицијата на враќање во продавница не е баш развиена (никој не ви го дава подарокот со фискална), ама во САД пресметале дека за време на божикно-новогодишните празници се враќа роба во вредност од 70 милијарди долари.
Најголем број од вратените подароци, дури 42%, се од жени кои ги добиле предметите од нивите сопрузи. 17% од оние кои добиле несакан подарок изјавиле дека ќе го донираат, 13% дека ќе го подарат понатаму, а 10% дека едноставно ќе го фрлат. Најчесто заменувани се кичести украси за по дома, компјутерски игри - дупликати, козметички производи против брчки (полесно е да ги вратиш отколку да признаеш дека ти требаат), па дури и скап накит, доколку неговиот дизајн е премногу „фенси".
Германците, како такви, сепак имаат многу попрактично решение за несаканите подароци, автомат за нивна замена со - книга.
Зад оваа иницијатива стојат издавачот Бастеи Лубе и синџирот книжарници Хугендубел, а автоматите ќе бидат поставени во тек на три дена, почнувајќи од 28 декември, во големи трговски центри во Минхен, Инголштад и Нинберг. Во замена за таа шоља за кафе што не ви е погодена издавачот нуди домашни наслови од неговите најдобро продавани автори. Сите вратени подароци пак одат за локалните хуманитарни организации.
Нам ни изгледа дека „автоматот" е всушност преградено сопче во кое седи некое од џуџињата на Дедо мраз и рачно ги бира подароците. Што ли се случува ако твојот несакан подарок е всушност книга?