Не виделе они грдо

Архитектонски чир на годината (+наградениот)

Додека нашиот критериум за тоа што е убава (и квалитетна) градба секојдневно се деградира до степен на сеедност, во други контексти сè уште се обидуваат, не без доза на сарказам, да ги критикуваат новооизградените објекти. Таква е оваа британска награда, за најгрда нова зграда на годината.

Нешто во стилот на „Златната малина", панданот на Оскарите, Carbuncle Cup (carbuncle = чир, апцес) е награда - контрапункт на наградата Стирлинг за архитектонска исклучителност која ја доделува Кралскиот институт на британските архитекти. Најлошите згради на годината ги номинира јавноста, целиот избор кој започнал во 2006 го спонзорира архитектонското списание Building Design, a името потекнува од една изјава на принцот Чарлс од 1984, кој тогаш го нарекол предложеното решение за проширување на Националната галерија во Лондон „монструозен чир на лицето на саканиот и елегантен пријател".

Минатата недела беа објавни овогодинешните финалисти, а уредникот на споменатото списание, Томас Лејн, ја опиша наградата како „натпревар за архитектонски столб на срамот".

„Добрата архитектура треба да обезбеди достоинствени простори во кои луѓето ќе живеат и ќе работат, да ги прошири нашите градови, да биде трајна и да го подигне духот на секој кој ќе комуницира со тие згради. Тажната реалност е дека наместо тоа британските градови се медиокритетни, неинспиративни, без реален идентитет".

13-те финалисти оваа година вклучуваат градби кои се опишани како „тажни", „крајно гротескни", „доволно грди за да се лансираат во орбитата". Но засега по број на поединечни номинации води објектот наречен Тринити сквер (фото најгоре), кој е изграден на местото на антологиска гаража проектирана во тн. бруталистички стил, која стана позната по филмот Get Carter од 1971.

Бонус: победникот од 2013, студентски дом во Лондон изграден на место на стара градба од тули, со зачуваната фасада многу глупо поставена пред новата. 

Повеќе за грдите британски објекти тука, а за скопските можете само да прошетате низ град.

ОБНОВЕНО: ДОБИТНИКОТ ОБЈАВЕН ДЕНЕС 03.09 ТУКА

31 август 2014 - 13:57