Кога Алфред Нобел ги замислувал своите награди, математиката не се нашла меѓу областите што ги избрал. Тоа било причина норвешкиот математичар Софус Ли уште во 1899 година да предложи создавање меѓународна награда во чест на големиот норвешки математичар Нилс Хенрик Абел. Идејата добила поддршка, а во 1902 година шведско-норвешкиот крал Оскар Втори дури се заинтересирал за нејзино финансирање. Но следната година распадот на унијата меѓу Шведска и Норвешка ставил крај на планот.
Идејата оживеала дури еден век подоцна. Во 2002 година, по повод 200-годишнината од раѓањето на Абел, норвешкиот парламент ја основал наградата, а првата вистинска Абелова награда била доделена во 2003 година на францускиот математичар Жан-Пјер Сер. Денес наградата ја доделува Норвешката академија на науките и книжевноста, а победникот го избира петчлена меѓународна комисија од врвни математичари.
Наградата не е само признание туку и прилично сериозна сума: денес изнесува 7,5 милиони норвешки круни односно приближно 700.000 евра. Целта не е само да се одликуваат најзначајните математичари, туку и да се подигне статусот на математиката во општеството и да се поттикне интересот за неа кај децата и младите.
Името, се разбира, не е случајно. Нилс Хенрик Абел (1802–1829) бил еден од најзначајните математичари на 19 век, но животот му бил трагично краток. Починал на само 26 години, без да доживее целосно признание за својата работа. Неговите идеи подоцна оставиле длабока трага во математиката, а неговото име денес го носи една од најпрестижните научни награди во светот.
Абеловата награда често се нарекува „Нобелова награда за математика“, иако според начинот на кој е организирана станува збор за посебна награда. Нејзината репутација, сепак, е несомнена: се доделува за пионерски научни достигнувања во математиката, без разлика на конкретната математичка дисциплина.
Во 2026 година наградата му припадна на германскиот математичар Герд Фалтингс, од Институтот „Макс Планк“ во Бон, за неговиот придонес кон аритметичката геометрија и решавањето на долгогодишни диофантови проблеми поврзани со Морделовата и Ланговата претпоставка (не дека знаеме што е тоа).
Филдсовиот медал е исто така еден од највисоките признанија во математиката, и многу често токму тој се опишува како „Нобелова награда за математика“. Но има важна разлика меѓу него и Абеловата награда. Медалот се доделува на математичари до 40 години, еднаш на четири години, обично на 2–4 математичари. Наградата е особено ориентирана кон исклучителни достигнувања и потенцијал за понатамошен развој. Абелова награда – се доделува секоја година, нема старосна граница и може да му биде доделена на еден или повеќе математичари за исклучителен придонес во текот на нивната кариера.
Види претходно: Филдсов медал 2026 - математичарите што ги поместуваат границите на знаењето