Би сакала да верувам дека ме делат денови од конечно завршување на ракописот, нели без да вклучиме тука и корнење коси околу вистинскиот избор за дизајн на корица, возможни неподносливи дилеми за тоа дали е потребен трејлер за книгата и целовечерни битки за совршен синопсис.
И бидејќи сум толку блиску до крајот, се фатив како размислувам што всушност сум научила од оваа мачна, а толку прекрасна работа што се вика Пишување на мојот прв роман.
(Сега пак сакам да кажам прекрасна работа, пред да продолжам што стварите што ги научив. Значи, многу е прекрасна. Заљубена сум во ова. Нај-rewarding ствар у свет. Онака, го разбирам вистинското значење на зборот rewarding сега, ако не можам да го преведам. Сакам да се омажам за пишувањето. Да му родам деца.)
Со некои работи се сретнав еднаш или два пати, а со некои се борев подолго време. Значи, да избројам:
1. Просто е комично колку време поминуваш смислувајќи алтернативи на „рече". И уште покомични се обидите да го избегнеш откако ќе го прочиташ ракописот по петти пат, за на крај сите креативни варијанти пак да ги вратиш на „рече". Ова го прочитав и како нечиј цитат, што значи и некој попаметен го приметил, само што јас нели мајстор за зборови, па можам да кажам „рече" на еден куп различни начини. Можно е, ама немојте. Нема потреба. Не се курчете.
2. Стварно е во ред да не знаеш што ќе се случи понатаму во твојата сопствена книга.
Имам другарка со која заедно почнавме да пишуваме и си раскажувавме кои ни се најновите дешавки. Она си го знаеше и крајот, и дијалозите, заплетот, конфликтите, све. Од друга страна, јас сум си самата прв читател. Немам поима што ќе се случи четири страници од сега. Дури мислам и дека е покорисно така. Ако ти можеш да го почувствуваш изненадувањето или емоцијата во истиот момент додека ја пишуваш (а ги гледаш за прв пат), тогаш најверојатно и читателот така.
3. Ќе бидеш опседнат/а со тоа. Се фатив како зјапам НИЗ луѓе додека ми зборат, мачејќи се да најдам решение за сцена отидена во ќор-сокак. Гласно кажував дијалози додека се туширав. Ако времето беше лошо, пишував внатре. Ако беше убаво, пишував надвор.
Исто така:
„Не можам да искочам вечер. Нешто не ми е најарно." И пишуваш.
и
„Добар беше филмот. Многу инспиративен. Ајде сега иди си." И пишуваш.
4. Мудри луѓе имаат кажано „пишувај за она што го познаваш" и така и направив. И им препорачувам на сите така, затоа што никој нејќе фалбаџии, или критика од типот „следниот пат, прочитај нешто за местото што го опишуваш."
СЕПАК, да пишуваш за работи што ги знаеш, многу често значи позајмување од сопствените карактерни особини и префрлање на твојот Главен лик. Што значи дека луѓето што те знаат (и сакаат) апсолутно, неотповикливо ќе бидат убедени дека главниот лик си ти. Ако пишуваш во прво лице, ќе досаѓаат и ќе викаат „ти", секогаш кога ќе те прашаат нешто за делото. На пример, 'Многу беше јако кога ти му се дереше дека е сељак,' или 'На крај ќе завршиш со него?' Ти се разбира ќе се обидеш да ги опаметиш, но отпорот ќе биде залуден. Што е уште пострашно, одреден родител ќе стигне до делот каде што „ти" почнуваш да ги допираш луѓето за одредени ствари или кога „ти" си гол/а. Значи, бори се против тоа. (И научи да губиш.)
5. Ќе имаш еден тон печатни и граматични грешки, и грешки со работен наслов „како успеав да го напишам зборов, не ми е јасно". Ќе посакаш да имаш уште еден пар очи. Ќе посакаш да имаш трпение да ја оставиш книгата на раат барем две недели. И ништо од тоа нема да видиш. Мене едвај ми успеа и ја оставив да преспие. Две недели, можда повеќе. И се вратив како среќно дете на заборавена играчка. Ја прегледав и нели, си реков дека е супер, скоро готова, јес, така?
Не.
После четири внимателни, темелни читања пак најдов банални, кошмарни грешки. Затоа прегледувајте добро. Не можам доволно да го нагласам ова. Или најдете лектор. И пак прегледајте кога ќе заврши лекторот.
6. Љубовни сцени/Секс-ствари/Интима/Романтики се ТЕШКИ. ЗА. ПИШУВАЊЕ. Односно, тешки се за пишување ако сакаш стварно да бидат добри. Ако ти е гајле, секогаш можеш да уфрлиш неколку „длабоки продирања", „страст", „бедра" и „центар", да ги промешаш со самоуверени секси изјави и имаш краен производ. Ама јас не сакав така. Јас се борев со испреплетување прсти, вдишување парфеми, допирање во мрачни ходници и други слични ствари што ми ја изедоа душата дур да ги напишам како што треба. И ми успеа. Без бедра.
7. Има да се чудиш колку многу кафе може да ти собере телото. Секаде. Цело време. Секој ден, секоја ноќ. Почнуваш да го пиеш со ручек. Наместо јадење по полноќ. Па ти станува преслабо. Па го дуплираш. Купуваш машини што прават поинаков вид на кафе затоа што ти здосадува тоа што го пиеш цело време. Почнуваш да смислуваш досетливи одговори за секој пат кога некој ќе те праша зашто ти се тресат рацете. Ако почнеш и да наплаќаш на секое такво прашање, можеш и да се збогатиш.
Бонус: Ако си пушач, заеби и пишувај надвор од старт. Ако ти е ладно, носи ракавици. 'Не пушам повеќе од кутија дневно' престанува да важи додека пишуваш.
8. Навикни се на изгрејсонце. Ќе му се изнагледаш. 'Еј, види, 6 саат сабајле, кој би рекол.'
9. Да познаваш луѓе што пишуваат значи многу. Ова е осамена работа (и тоа е супер), но писатели, макар и скриени има многу, како што научив по пат. Фино е да најдете колеги и онлајн, ако може и да ве врзува жанрот, уште подобро. Се разменуваат мислења и се учат многу работи, особено ако ти е све ново. Не се лажете дека знаете во каква активност се впуштате. НЕ ЗНАЕТЕ.
10. Никогаш не си се сакал/а себеси повеќе како што ќе се сакаш кога ќе ја завршиш книгата.
Значи, се разбира дека глупо звучи тоа. Ама не значи и дека сум помалце воодушевена. Сега, кога сум блиску до крај, најсериозно, разбирам колку вредело што сум ги надминала проблемите од типот не можам денес, или немам инспирација, или ме бива ли уопште, или зашто го правам ова, или срање е.
Многу вредеше.
Бикоз, еве ја книгата тука.
Јана