Левораки

Сакам сите Ние, кои навистина сме одговорни сами да си ја коваме својата среќа, да седнеме едни наспроти други, без камења и сендвичи, па најпрвин да се испопљукаме и испопцуеме прописно, па потоа да се договориме дали навистина треба тркало или ново крило во Идризово, дали ни требаат турски серии или пак Хаутугетавејвитхамрдер, дали сме за нафтовод или гасовод, дали сме за Русите или Америте, или пак дали сè уште има некои кои се за Швајцарците.

Без паника. Таков е насловот на моите бавчи. И сакав да ви пишувам за тоа како не треба да се паничи од други причини. Елем, само што пристигна в куќи новиот припадник на моево племе (за него и за односите со останатата боранија ќе ви пишувам и понатаму!) во еден ординарен домашен инцидент си ја скршив раката. Десна. Онаа јуначката, онаа за секојдневна употреба и онаа која во сиве овие години се извежба за правење се и сешто, од ч'чкање нос како дете, до сериозно ракување со разни направии и стискање Ctrl-Alt-Del. Едвај чекав да ми се разработи и деснава па да ви го пренесам искуството за тоа како е да јадеш супа со лева, како да го земеш и преслечеш бебето, за тоа колку е тешко да користиш тоалетна хартија на друг начин и како најнормалните работи како што се сечкање салата или мастурбирање се поинакви со онаа, втората, запоставена рака која е најдобра за држење ракија додека пушиш со десна, или за гушкање со партнерот додека шеташ по дождот држејќи чадор.

Ама, чудесни се патиштата господови, како што велат и Лама Далај и Отец Пимен.

Читам и гледам утрово: МАКЕДОНИЈА, новото бојно поле за пресметка помеѓу Америка и Русија, јавуваат и од исток и од запад. И ме фаќа паника.

Ме фаќа паника од тоа што не само никој нормален новинар не пишува за оваа, Голема Слика, и не прави никаква нормална анализа, туку затоа што вестите ги пишуваат со лева рака, како некој да им ја одгризал не само раката туку и другата хемисфера на мозокот. Пишуваат и објавуваат како сакати уште одамна и ми го сакатат мојот народ.

Мене ме фаќа паника затоа што сме бојно поле на големите сили. Не е прв пат ова да ни се случува, историјата се повторува, нели! Ама тој факт тука како никој да не го разбира. Се гледа по реакциите на истиов ми народ. Како сите да сме левораки, осакатени трајно од нормална човечка реакција.

Пробајте да ме разберете мене и сите оние кои денес се во паника. Пробајте барем вие, вие кои читате нешто повеќе, да ја согледате големата слика. А таа е дека веќе сме бојно поле. Големите се чаталат, а војува мојот народ. Се тепаме помеѓу себе. И не е прв пат! Што мислите: Ќе можеа да не направат бетлфилд ако не се однесувавме како сакати во раката која живот значи?

Да се разбереме: Јас не сум од оние мои другари кои љубеа да се дружат со мафијаши и јас сам си ги плаќам сите казни. Затоа и сакам да одговараат и да бидат казнети сите кои нешто згрешиле, сите оние кои ме покрале и сите оние кои во мое и име на народот прават зулуми. Сакам и да живеам во држава со многу домашни и странски инвестиции, но и во земја каде што оној што го вози автобусот, го вози со двете раце, а ние другите тие две раце да можеме да ги користиме за ракоплескање. Сакам да протестирам кога сметам дека треба без некој да ме етикетира. Сакам да добијам работа затоа што сум способен, а не затоа што поддржувам некого. Сакам моите деца да растат со суперхерои наместо со вести. Многу љубам да ги критикувам и Русите и Американците, и Србите и Бугарите, и ВМРО и СДСМ. Сакам да сум свој, со две раце, способен. Сакам да живеам окружен со способни луѓе кои се служат и со двете раце и со двете хемисфери од мозокот.
Сакам сите Ние, кои навистина сме одговорни сами да си ја коваме својата среќа, да седнеме едни наспроти други, без камења и сендвичи, па најпрвин да се испопљукаме и испопцуеме прописно, па потоа да се договориме дали навистина треба тркало или ново крило во Идризово, дали ни требаат турски серии или пак Хаутугетавејвитхамрдер, дали сме за нафтовод или гасовод, дали сме за Русите или Америте, или пак дали сè уште има некои кои се за Швајцарците.

Ќе ми речат после ова: Е, фино сакаш бе, ама отидена е работава. Народе мој, топкава отиде во тотален аут затоа што сме сите Ние како и нашиот ракомет, играме слабо, како да играме левораки.

Ова го пишувам со двете раце и за крај го цитирам Дамјан Груев:
Свадба без месо и револуција без крв не бидуе.

Колку и од мал да ги сакам и почитувам и комитите и Че Гевара, овој пат Јас сум сепак за свадба, затоа што во оваа револуција пионите први ќе киднат, а ќе протече крвта на мојот народ.

#мамувамјебемнеспособну

Иво

15 април 2016 - 09:23