Објавена програмата на ИФФК „Браќа Манаки“

74 филма на 34. „Браќа Манаки“ за најубавата светлина во Битола

ИФФК „Браќа Манаки" и Вип оператор денес во Сити Хол ја објавија програмата на 34. издание на Фестивалот „Браќа Манаки", која под мотото „Пушти ја светлината" во 10 програмски целини донесува врвни 74 наслови од светската и од македонската кинематографија, меѓу кои четири премиери, потоа два кандидати за Оскар, голем број наградувани филмови на светските фестивали, познати автори и филмски таленти.

Во главната програма има 12 исклучителни филма, Новите визии претставуваат жестоки 6 проекти, документарната селекција 8 провокативни наслови, во натпреварувачката програма на краток филм - 9, 4 филма се дел од омажот за Кирил Ценески, Вип оператор пред најмладите ќе прикаже бесплатно 5 филмови за деца, 11 наслови ќе се „вртат“ во склоп на македонската панорама, 14 краткометражни проекти во програмата „Short matters!“ на Европската филмска академија. Покрај тоа, ќе бидат проектирани 2 филма „Во чест на“ лауреатите Хосе Алкаин (Кожата во која живеам) и Ањес Годар (Дом).

Централен настан оправдано се очекува да биде Црно-бело со пијано, каде заедно со Кинотека на Македонија, првпат ќе бидат прикажани сите дигитализирани филмови од оставината на браќата Манаки во пијано придружба на групата „Маротови“, што ќе ги евоцира почетоците на филмската уметност и автентичноста на филмот пред неговото озвучување.

Од премиерите, две се во главната програма и по еден во програмата на документарен и на краткометражен филм. Најпрво Соба со пијано, за кој има толку голем интерес што е обезбедена и втора проекција од 23.00 часот, на која пред битолчани исто така ќе се поклони целата екипа. Првпат за публиката ќе бидат прикажани и Барајќи ја среќата на Марија Џиџева за ергените од Битолско кои бараат невести во Албанија и Слатки на еден од најинтригантните израелски режисери, Јосеф Пичадѕе, а македонската премиера ќе има и стоп-анимацијата Алерик на Вук Митевски, којa минатиот месец беше учесник на Сараевскиот ФФ.

„Секојпат велам дека ќе го имаме најквалитетното издание, но сега ќе оставам сами да ја разгледате програмата и да увидите дека овој пат најмногу ќе ги озариме лицата на гледачите со огромен број врвни филмски остварувања и реномирани имиња. Годинава имавме една ретка прилика да бидеме причина за мал, интересен спор. Имено, еден од кинематограферите во главната селекција, г-динот Фред Келемен, самиот инсистираше кај продуцентите на филмот Слатки интернационалната премиера да ја има токму на „Браќа Манаки“. И светските и домашните кинематографери гледаат на фестивалот како на нешто свое. Затоа од година во година имаме сѐ повеќе предложени филмови, а со тоа се зголемува и бројот на гости.

Се наоѓаме пред исклучително богато фестивалско издание. Годинава сум особено горда на мошне разновидната програма. Со цела сила се обидовме да ја донесеме најубавата нордиска светлина во Битола. Светлина која ќе даде една неверојатна динамика овие седум фестивалски дена. Програма исполнета со квалитетни филмови, најголем број на работилници досега, конференции, промоции, неверојатни автори и гости, програмски иновации кои им ги нудиме на сите филмски зависници. Сметам дека сите заедно ќе уживаме во секој момент од ова издание, токму затоа ги поканувам сите што можат да ни дојдат нагости во Битола.“ истакна Лабина Митевска, директорот на Фестивалот.

Покрај филмската програма, предвидени се и други изненадувања. Претставувањето на три балкански катедри за кинематографија (од Белград, Љубљана, Скопје), што ќе ја покаже иднината на професијата и младите автори. Исто така, на фестивалот ќе гостува дебатниот клуб од Битола Контра кадар со филмска дискусија. Од останатите дополнителни настани Фестивалот ќе понуди и 3 разговори со наградените со наградата за животно дело и со специјалната награда „Златна камера 300“, четири работилници, Втората балканска конференција на директори на фотографија со поддршка на ИМАГО, промоција на книгата Теоријата и практиката на документарниот филм од Антонио Митриќески, сценариското катче, итн.

„Горди сме што како официјален партнер на Интернационалниот фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“, четврта година по ред, придонесуваме за одржување на неговото заслужено високо реноме, кое во голем дел зависи од амбициозноста и квалитетот на официјалната програма на фестивалот, но секако и од придружните елементи кои му даваат дополнителна вредност на самиот фестивал. Еден од тие елементи, секако е детската програма. Одличниот прием на содржините од минатогодишните програми наменети за најмладите нѐ поттикна годинава да одиме чекор понатаму, па покрај 5-те најнови филмски остварувања, во рамки на годинaшната 'Вип детска програма', креативните работилници за децата оваа година ќе бидат насочени кон креирање на уметност како спој на креативноста и технологијата“, изјави Никола Љушев, генерален извршен директор на Вип.

Во рамки на фестивалот се одржува и споменатата Вип детска програма со пет филмови од најновата продукција, со што најмладите стекнуваат навика да посетуваат кино и да ги почитуваат уметничките вредности. Работилниците ќе бидат за моментално најактуелната техника на стоп-анимација во термин од 15 часот секој фестивалски ден од понеделник до четврток. Годинава куриозитет е што еден од филмовите од детската програма ќе биде придружуван со позамување на гласот од професионален актер.

Селекторот на главната програма, Благоја Куновски-Доре, пак, накратко ја претстави главната селекција која донесува максимум предвидени филмови во трка за трите „Камери 300“.

„И годинашното издание го задржува високиот рејтинг на главната компетиција, по која нѐ препознаваат во светот, зашто е стожер на фестивалот „Браќа Манаки“, со избор на најдобрите филмови што ги потпишуваат, како најголемите и докажани светски кинематографери, така и новите имиња кои се наметнуваат со својот талент, притоа водејќи сметка за континуитетот во опусите на потврдените имиња чија афирмација, се сврзани токму за нашиот фестивал, на што сме горди. Специфика на мојата селекција е што се случи сосем оправдано да имаме и 4 филма во црно-бела фотографија со високи естетски вредности. И како да не бидеме со престижна конкуренција кога за трите награди ќе решава одново високоавторитетно жири на чело со великанот Хосе Луис Алкаин. Исто така ми импонира што конечно ја добивме и првата дама, наш заслужен лауреат на специјалната награда 'Камера 300', Французинката Ањес Годар.“

Од аспект на селекторот на, исто така, натпреварувачката програма Нови визии, Сунчица Уневска, беше кажано следното:

„Петтото издание на програмата Нови визии годинава во чест на јубилејот носи уште посмел и поинтригантен избор. Шест филма од кои дури четири дебитантски и еден втор игран филм, но и нешто што е многу поретко, а тоа се две директорки на фотографија, Марија Секо од Канада и Софија Огиони од Колумбија. Ова издание првпат филмовите не доаѓаат од Европа, освен еден, а тоа е откачената трагикомедија Адрија Блуз на Мирослав Мандиќ, авторот кој има работено со Емир Кустурица и Желимир Жилник, а сценарист е и на култната серија Топ листа на надреалистите. Другите филмови се од Колумбија, Јаже, филм што извира од вечната убавина и сила покрај Андите, од Гватемала Златен кафез, наслов од една тажна мексиканска балада, од Иран Табор, научнофантастична алтернатива на Техеран. И два еднакво жестоки филма од Израел, Младост за еден невообичаен терористички чин и Падот на Касбах, уште една рок тема, сместена во жариштето на Газа. Овој избор ќе понуди многу различни филмови, на кои единствено заедничко им е бескомпромисниот поглед кон животот.“

Селекторот на документарната програма, Гена Теодосиевска, ја претстави селекцијата без која фестивалот не би бил тоа што е во последните години:

„Документарниот филм отсекогаш нагласува дека реалноста ги допира вистинските херои, не само на нашето, туку на сите времиња кои поминале и на оние кои штотуку доаѓаат. Таа реалност сѐ почесто е сурова, незамисливо тегобна, но и возбудлива, смешна, духовита, инспиративна, неверојатна а вистинита, реалност што не сакаме да ја чуеме, да ја знаеме, да ја запаметиме. Колку сме подготвени да се соочиме со реалноста или пак со 'очите ширум затворени', ќе останеме неми посматрачи на сопствената ментална атонија. А таа реалност е магична, многу често волшебна. Реалноста станува и останува нечија состојба, но авторите на документарниот филм нема никогаш да се согласат со таа пасивна и инертна дефинираност на случувањето само како процес. Тие секогаш ќе бидат ГЛАСОТ.

Осумте документарни филмски стории кои ги избрав се стремат кон создавање на линк на меѓусебна доверба меѓу гледачот и ликовите, оние кои се ликовно поставени на маргините на филмското платно а 'тежат' со приказната што ни ја раскажуваат. Со неизмерна верба во себе, во својата идеја, особено со верба и почит кон своите ликови, на реалните протагонисти на настанот, оној за кој тие сметаат дека и ние треба да дознаеме, Марија Џиџева, Жељко Мирковиќ, Амнон Злаит, Дебора Ван Дам, Барбара Милер, Дрор Морех, Бен Луис и Марат Саргсијан создале филмски стории, кои засекогаш ќе ги имаме како дел од нашето постоење, драгоцен вијадукт до следниот 'извор'. Тие ги имаа вистинските херои пред своите камери и се чини дека само во документарниот филм ликовите можат да ја 'надзборуваат' камерата.“

Годинава во рамки на Фестивалот и Друштвото на филмските професионалци на Македонија одлучи да му додели посебна Златна камера 300 за особен развој на македонската кинематографија на режисерот Кирил Ценевски.

„Филмовите на Ценевски беа (и остануват засекогаш) вистинските почетоци на новата македонска кинематографија. Црно семе и денес е со истата силина, предизвикувајќи стоечки овации по проекцијата. Како некогаш!

Но не помала вредност е силното влијание на Ценевски врз осамостојувањето на МАКЕДОНСКАТА кинематографија и нејзината автентична естетика и специфичниот кинематографски исказ. За тоа беше потребна визија на пионер но и храброст на голем борец. Речиси не постои македонски филмски професионалец што не се калеше во огнот на неговите филмови. Во Црно семе, Јад, прекрасните документарци и серијалите за лауреатите на Струшките вечери на поезијата.

Како уметнички раководител на Вардар филм, ги испиша таму златните години на македонскиот филм, ги подигна професионалните и техничките стандарди на ниво кое никогаш потоа не успеавме да го достигнеме. Секогаш бараше нови форми и технологии во филмската продукција.

Заслужи да го ставиме во редот со најзаслужните.“, Горјан Тозија, директорот на ДФПМ.

И годинава отворањето и затворањето на „Браќа Манаки“, директно од црвениот тепих ексклузивно ќе се пренесува на првиот канал на МТВ.

34. издание на „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 14 до 20 септември 2013 година во Битола и ќе биде отворено со премиера на македонскиот филм Соба со пијано на режисерот Игор Иванов. Шпанскиот кинематографер Хосе Луис Алкаин е добитник на „Златната камера 300“ за животно дело во 2013, а француската снимателка Ањес Годар на специјалната награда „Златна камера“ за особен придонес во светската филмска уметност. Жири-комисиите што ќе ги одредат наградите во натпреварувачките програми се во состав од реномирани интернационални личности од светот на културата и уметноста. Покрај сценариото на гламурозната српска актерка Мирјана Карановиќ, на Сценариското катче „Браќа Манаки“ се одбрани уште пет проекти.

 

Со ИФФК Браќа Манаки и Вип оператор, многу повеќе светлина во Битола и во Македонија.

 

(комерцијален текст)


4 септември 2013 - 13:20