Мат Таиби:

Недраг ми е Фокс ама негово цензурирање ми е уште понедраго

Мала, неизбрана група на директори на моќни гиганти, со секири влегуваат во просторот на слободниот говор и мисла а чирлидерки се прогресивни политичари. Што може да тргне наопаку?

Кога пред две ипол години, хистеричниот Алекс Џонс беше исфрлен од неколку платформи, ретко кој очекуваше дека тоа ќе биде само почеток на еден тренд.

Ѓаволот ја однесе шегата. Денес повиците за банирање на Фокс не само што се вообичаени туку и стануваат сè погласни а мегафони на идејата се влијателни медиумски ликови од CNN, MSNBC, Вашингтон Пост...

Идејата разгори неделава кога конгресменските Демократи Ана Ешо И Џери МекНерни пишаа писмо до извршните директори на кабелските оператори како Комкаст, AT&T, Верајзон... прашувајќи ги „дали планираат да продолжат да ги пренесуваат Фокс и Њусмакс и откако ќе истечат актуелните договори со нив. И ако да, зошто?

Медиумските слободи веќе подолго време се стеснуваат. Прв почна Барак Обама кој таргетираше свиркачи, а во некои случаи и новинари, користјќи го Законот за шпиунажа. Продолжи Трамп и прогонот на Асанж а тоа прогресираше во особено опасна фаза кога олигополски технолошки компании, бодрени од политиката, влегуваат во анти-конкурентски договори за замолчување на политички гласови, и на десницата и на левицата.

Таканаречените медиумски експерти на аутлети како Сиенен или Њујорк тајмс, или останаа неми или отворено навиваа за опасните преседани кои се случија: Фејсбук и Твитер блокираа новинарска сторија на Њујорк пост за Хантер Бајден (види овде), Амазон и Епл решија да ја покажат својата монополска моќ и ја проголтаа „платформата за слободен говор“ Парлер (види овде), банирана е Социјалистичката работничка партија (види овде)....

„Сите овие епизоди имаат иста тема: мала, изборно неверификувана група на приватни извршни директори, со секира влетува во областа на слободниот говор а чирлидерки се прогресивни политичари. Ако ова продолжи онаму каде што тргнало, тоа ќе биде посериозен проблем за општеството отколку самиот Фокс њуз во своите најлоши изданија“, предупредува Мат Таиби.

Кампањата против Фокс е врамена како дел од фамозната битка против лажните вести, дезинформациите, лагите и конспиративните теории.

Фино тоа, само што сме виделе дека во истиот тој пакет се ставаат и вистини, кога се политички незгодни. Уште во 2016-та, на тема на протечените но веродостојни меилови од партиската централа на Демократите, тие беа опишувани како „кампања за дезинформирање“. Исто беше и лани за Хантер Бајден, кога не постоеше ниту еден доказ дека материјалот кој го инкриминира е лажен, а угледни медиуми за тоа упорно пишуваа како за „сомнителни тврдења кои личат на дезинформации“ и „дезинформациски тест за социјалните мрежи“.

„Оние кои навиваат за отстранување на Фокс, Њусмакс и другите очигледно  дека не се заинтересирани за законско спроведување на идејата. Тие сакаат да ја искористат хипер-концентираноста на моќта на денешните медиумски дистрибутери, гигантите како Епл и Амазон од една страна, и конфедерацијата на кабелџии од друга страна. Треба да ги запрашаме тие политичари, каде всушност тие сакаат да замине огромната конзервативна публика, ако Фокс го тргнеме од етерот?“, прашува Таиби.

24 февруари 2021 - 14:34