Медиумските преторијанци на Џозеф Бајден

Вака е шемата: портпарол на Белата куќа ќе даде упаства за пожелниот наратив во кој треба да медиумски да се покрива некоја тема (во случајов импичментот на Бајден). Притоа, како поткрепа на официјалните ставови, ќе се цитираат статии од „независни“ медиуми. А цитираните статии  се темелат на цитати од - Белата куќа! Јас тебе ќе те почешам, ти мене ќе ме почешаш.

Портпаролот на Белата куќа на Бајден, Иан Самс, минатата недела испрати писмо до медиумите, со инструкции како треба да ја покриваат (или да не ја покриваат) истрагата за Републиканскиот импичмент за Бајден.

Потоа медиумите ги следеа упаствата, со таква ревносност на која би позавидел и еден Ерих Хонекер, забележува Мат Таиби. 

Веќе во следните 24 часа, Вашингтон пост во самиот наслов послушно употреби фраза од писмото на портпаролот, со оценка дека импичментот само „ја мати водата“.

Во добрите времиња, ова ќе беше резил за медиумот, но времињата одамна не се добри. Сегашната екипа на Вашингтон пост цело лето успеваше да го држи надвор од своите наслови цитатот „Пет милиони за да се плати еден Бајден, а пет милиони на друг Бајден“.

Таа фраза е клучната во документот на ФБИ за 'доверлив човечки извор' кој присуствувал на состанок во канцелариите на украинската енергетска компанија Бурисма во 2015/2016. Објавен на 20-ти јули, формуларот ги опишува изјавите на шефот на Бурисма, Микола Злочевски.

„Тоа чини 5 (милиони) да се плати еден Бајден и 5 (милиони) на друг Бајден“, рекол Злочевски.

Изворот не беше сигурен „дали овие плаќања се извршени“.

Ова не не баш згодно за Бајденови, особено што се вклопува со фамозната изјава на Хантер:

„За разлика од татко ми, јас нема да ве натерам да ми дадете половина од вашата плата.“

Самс на две страни вовед и 14 страници тврдеше дека републиканските тврдења се неосновани. Притоа цитираше медиуми, како Аксиос (“Формуларот на ФБИ е само интервју и не сугерира нешто погрешно“), NBC („Обвинувањата за поткуп не се поткрепени“) и CNN („ФБИ и обвинителството не можеа да ги потврдат тврдењата“).

Што имаат заедничко цитираните статии? Сите тие содржат цитати од самиот Иан Самс! Со други зборови, медиумот ќе цитира официјален став па потоа официјалната инстанца ќе ја цитира таа вест како потврда од независни медиуми. Линијата ќе се замаглува додека никому веќе нема да му е јасно, кој прв нешто тврдел.

Овие новинари кои денеска во круг вртат изјави од Белата куќа, само што станаа полнолетни кога Фокс Њуз беше исмеван заради слично разбирање на новинарството.

„Денешната шарада во ерата на Бајден не само што не е различна, туку е и поглупава, но кој има доволно срам да се секира за тоа?“, вели Таиби.

**************

Види и:

Како Њујорк тајмс стана Фокс њуз

Не треба да им верувате на мејнстрим медиумите

25 септември 2023 - 09:15