Дебакл на Македонија, кладилниците беа во право

Светското ракометно првенство 2025-та стана тешко достижно за избраниците на Кире Лазаров. Ќе им треба победа на реваншот од 8 гола разлика.

Македонската ракометна репрезентација се соочи со висок пораз од 34:27 на првиот бараж натпревар против Фарски Острови за Светското првенство во јануари следната година.

Нашите ракометари одиграа многу лош натпревар, под секое ниво, со видлива неорганизација во напад и слаба одбрана. Како без жар и без концепт за разлика од мотивираните домаќини кои како да немаа падови во играта.

Мaкедонија на почеток делуваше импресионирана од противникот кој е во подем и кој доби голема предност од кладилниците пред овој натпревар.

Фарски острови делуваше многу самоуверено уште на стартот, даде веднаш гас, а тоа резултираше со висока предност од 7:2.

Нашите репрезентативци како да избрзуваа со одлуките и не градеа долги напади, а направија и неколку технички грешки и не искористија неколку зицери.

Домаќинот тоа го искористи и постојано го негуваше водството кое во еден момент изнесуваше +6.

Дополнителен проблем беа и преголемиот број на престроги исклучувања, вкупно 5 само во првиот дел, кои го примораа нашиот тим да игра дури 10 минути со играч помалку.

Второто полувреме со ништо не наговестуваше дека можеме да ја стопиме предноста на противникот која се движеше од 4 до 8 гола предност.

Делуваа надмоќно, поорганизирано и беа прави газди на теренот, на кој нашите ракометари буквално се изгубија и не променија ништо после ниту еден тајмаут на Лазаров.

Скипаготи нè растури со 10 гола, а во нашиот табор најпрезицен беше Филип Кузмановски со 8 гола, додека по 5 реализираа Марко Митев и Никола Костески. Никола Митревски имаше само 6 одбрани.

Реванш се игра на 12 мај во „Борис Трајковски“ со почеток од 19:00 часот.

8 мај 2024 - 21:52