Како на Путин му засмета глобалното затоплување

Иако главно трагично за остатокот од светот, за Русија глобалното затоплување го отвори пристапот до арктичката нафта. Сега стравот е дека истото ова затоплување последниве години малку претера со отворањето.

Равенката пред која се моментално Русите е дека треба да се намали количината на издувни гасови во светот, за да може да се продолжи со вадење на основната суровина која ги создава издувните гасови во светот. За руските енергетски компании да можат да продолжат да вадат нафта и гас од арктичкиот мраз, неопходно е итно намалување на глобалното затоплување како истото не би го стопило мразот на кој тие се монтирани.

Процените се дека областите со непостојан пермафрост во периодот 2015-25 би имале пад од 50 до 75 проценти во носивоста на товар (камиони, објекти, луѓе, залихи..) во споредба со 1965-75.

Најголемиот ризик во однос на структурната стабилност и функционалните капаците се во областите со висок процент на површински мраз, како што во случајот се Нови Порт и полуостровот Јамал, двата нови големи руски нафтени проекти. Од овие два проекта доаѓа 45% од арктичкиот гас и нафта на Русија.

Како функционира градењето на мраз? Горните неколку метри од пермафростот се активен слој, кој се замрзнува и се топи како што се менуваат годишните времиња. Ова се зема предвид во пресметките заради што кога се гради темелите се прават доволно длабоки за да можат да ја одржат структурата и во потоплите месеци. И ова важи за патишта, пруга, куќи, фабрики и нафтоводи. Тука настапува глобалното затоплување, кое прави активниот слој да биде подлабок од кога и да е претходно, што значи дека некогашните длабоки слоеви сега исто така се разлабавени и  последица на ова е драматичен пад на носивоста на пермафростот.

Русите и ова го имаат земено предвид па инфраструктурата во Јамал се потпира на столбови длабоки 28 метри со вградени „клима уреди“ кои дополнително ги ладат долните слоеви, што е сосема доволно за сегашната ситуација. Она што е слаба страна на целиот проект е што никој не може точно да го прогнозира идното затоплување и неочекуваните скокови во температурите. Досегашните прогнози речиси редовно беа надополнувани со уште пострашни прогнози.

Колку е важен Арктикот за енергетските амбиции на Русија? На пример вадењето гас од Бованенково (на полуостровот Јамал) се очекува да достигне 140 милијарди кубни метри годишно, што е повеќе од целокупното норвешко производство на гас, додека целиот Јамал се очекува да стане еден од главните руски центри за производство на гас, со потенцијален капацитет од 310 до 360 милијарди кубни метри гас.