Психологијата на успешните протести

Тазе студија на оваа тема сугерира дека поголем ефект имат мирните отколку насилните протести. Вториве ќе добијат поголем медиумски публицитет (бидејќи така функционираат медиумите), но истовремено ќе ја поткопаат својата главна цел: да придобијат што повеќе приврзеници.

Во студијата на луѓе од Стенфорд и Торонто се набљудувале три различни протестни линии (оние за права на животните, Black Lives Matter и анти-Трамп протестите) со различни манифестации и степен на радикалност и насилни елементи. 

Утврдено е дека неутрални лица најмалку се идентификувале и најмалку биле подготвени да им се спротивстават на најрадикалните, оние засегнати со правата на животните, кога овие насилно влегувале во објекти во кои се експериментира со животни.

Истовремено, и бели и црни учесници во студијата покажувале поголема поддршка на протестантите од Black Lives Matter кога се извикувале анти-расистички пароли наспроти случаите кога гневот бил насочен кон полицијата. Исти разлики во емоциите имало и во случајот со протестите против Трамп: Ако мирно се демонстрирало, со јасни пароли и транспаренти, реакцијата на луѓето била далеку помека отколку во случаите кога истите блокирале улици и се обидувале да ги спречат фановите на Трамп да дефилираат наоколу.

Причината е во тоа што луѓето генерално не се сметаат себеси за бељаџии и рушители на јавниот мир.

„Кога јавниот поредок е драстично нарушен, кога се уништува имот и постои ризик луѓе да бидат повредени, тоа води до ефект на дез-идентификација со тие групи. 'Јас не сум како овие луѓе,' помислува еден просечен минувач, кога присуствува на такви сцени“, вели Роб Вилер, социолог од Стенфорд.

Според него, проблемот е во тоа што екстремните демонстранти - не го гледаат проблемот. Зголемувајќи го интензитетот на врските со групата, тие најчесто не можат да видат како нивниот протест им изгледа на луѓето од страна па најчесто размислуваат за радикализирање на протестите.

Ваквите наоди им терцираат на заклучоците од една друга студија од Принстон по кој мирните граѓански протести во 60-тите ја зголемија поддршката за Демократите кои ги поддржуваа тие права, додека оние подоцнежните и насилните предизвикаа контра ефект, поддршка за Републиканците, што се смета за една од причините за изборниот успех на Ричард Никсон во 1968 година.