Што остана здраво за јадење?

Пред некое време ТВ готвачката Најџела Ловсон, го резимираше она што се случува околу храната во изминативе десетина години: "Можам да ви гарантирам дека тоа што луѓето годинава мислат дека е добро за нив, следната година нема да биде."

Не е проблемот кога податоците околу храната се апдејтуваат врз основа на докази и факти, проблемот е кога медиумите и секакви лошо информирани гуруа за здрав живот ги преувеличуваат резултатите од одредени студии, без притоа да се даде контекст, пишува Дејвид Робсон во текстот за БиБиСи.

Робсон се обидува да воведе ред меѓу доказите што се достапни.

За сланината

Стравот: Преработеното месо е опасно како и цигарите.

Фактите: Иако СЗО објави дека има убедливи докази дека сланината (и други видови преработено месо) можат да ја зголемат опасноста од рак на дебелото црево, работата не е така страшна како што изгледа во насловите околу веста.

Околу ова веднаш реагираа онколозите според кои овој вид на рак е релативно редок. Ако речиси не јадеш воопшто месо во животот, твоите шанси да заболеш од овој вид на рак се 5,6%; ако без осет се товиш со сланини и шунки, опасноста се зголемува на 6,6%. Поинаку кажано, на секои 100 луѓе кои ќе престанат да јадат сланина, само еден ќе го избегне овој тип на рак. Кај откажувањето од цигари, овој просек е 10 до 15 луѓе на 100 пушачи.

Заклучок: Сланината може не е извор на здравје, ама не е ни гастрономски азбест.

За кафето

Стравот: Зависноста од кафе ќе доведе до срцев удар.

Фактите: За ова има многу малку докази, а според неколку масовни истражувања од последниве години и спротивното може да е точно.

Заклучок: Многу веројатно дека не е еликсир на долговечност, ама слободно можеш да го испиеш утринското кафе без никаква грижа на совест.

За пченицата

Стравот: Може да придонесе за развивање на Алцхајмер

Фактите: Многу мал број на луѓе (околу 1% од популацијата) вистински се алергични на глутен, што може да ја уништи нивната утроба и да доведе до неухранетост. Други може да не страдаат од оваа болест, ама да се "чувствителни" на пченица во поголеми количини.

Објаснувањето околу ова второво е комплицирано и сè уште не е точно утврдено дека тоа се должи исклучиво на глутенот во пченицата.

Заклучок: Луѓето најмалку 10.000 години јадат пченица, и освен ако не си позитивен на алергија, има малку причини зошто да престанеш со јадење сè додека не се соберат повеќе докази за ова.

За путер, кашкавал и полномасно млеко

Стравот: Млечните производи ќе ти ги затнат артериите и ќе придонесат до срцево заболување.

Фактите: Со децении логиката е дека "заситените" масти од овие производи го зголемуваат холестеролот во крвта. Затоа голем број здравствени авторитети препорачуваа нивна замена со маргарин и растителни масти.

Последниве години сме преплавени со студии кои го препорачуваат токму спротивното. Прво дека заситените масти немаат никакво влијание на срцевите заболувања, второ дека луѓето кои консумираат полномасни млечни производи не е поверојатно да бидат дебели.

Заклучок: Уште не разбираме зошто, ама "полномасните" производи не се така штетни како што ги мислиме.

За јајца

Стравот: Срцев напад во лушпа.

Фактите: Како и полномасното млеко, така и јајцата требаше да ни ги затнуваат артериите. Во ова делумно има вистина, ама ако генерално си здрав човек консумирање до 7 јајца неделно нема да има никакви штетни последици на тебе.

Заклучок: Освен опасност од гасови и запек, јајцата се безбеден и здрав извор на протеин.

2 ноември 2015 - 14:42