Тетоважа за Креспо на левата рака и голема љубов кон својот Габон

Еден од најдобрите играчи на денешницата, Габонецот со француско потекло, Пјер-Емерик Обамејанг конечно стави крај на сите заврзлами и потпиша богат договор со Арсенал. Животна желба му била да заигра за Реал Мадрид и да вози бесни коли.

Семејството Обамејанг важи за фудбалска династија. Татко му на Пјер-Емерик се родил во Габон и принудно ја напуштил сиромашната земја. Во потрага по подобар живот фудбалски се пронашол во францускиот клуб Малакоф. Подоцна речиси шест години успешно играл за Лавал од истоимениот град со 50.000 жители на Западот од Франција.

Таму се родил и Пјер-Емерик. Татко му на Обамејанг играл десен бек во одбраната и кариерата ја минал тивко иако во родниот Габон одлично го паметат по 80 меча за репрезентацијата на оваа африканска земја. Во 2002 година Обамејанг-стариот ја завршил кариерата во францускиот Руан и се вработил како скаут во Милан. Таму работи ден-денес.

Двата постари полубраќа на новата ѕвезда на Арсенал (со нив се запознал на 9 години зошто се од различни мајки) исто станале фудбалер. Сите тројца заедно почнале во Милан под надзор на татко им, но најголем талент бил најмалиот. Другиот, Катилин постојано одел од место во место, се пробал во 15 клуба но никаде не нашол гнездо. Третиот брат, Вили стигнал најмногу до шкотскиот клуб Килмарнок.

„Пораснав со менталитетот на татко ми - ако сакаш нешто да добиеш, за тоа треба сериозно да се бориш. Татко ми ми помогна на секоја етапа од кариерата. После првата сезона за Сент Етјен во 2012-та мене ме викнаа во Катар. Ветија дека ќе платат 10 милиони евра годишно, со тие пари ќе можев да го издржувам семејството долги години. Но татко ми ме советуваше да останам во Франција каде ми плаќаа многу помалку“, се сеќава Пјер-Емерик Обамејанг за почетоците.

Веќе следната сезона Пјер-Франсоа (татко му) едвај се борел со понудите на Њукасл и Борусија: на крај ги изучил и двата тима и го посоветувал син му да го одбере Дортмунд кога овој веќе имал авионска карта за Англија.

Не му одговарал на Милан, можел да игра за Италија или Франција

Стартот на кариерата на Обамејанг не бил совршен: Милан ставил голем камен меѓу него и првиот тим. Не помогнала ниту наградата за најдобар стрелец на турнирот U-19 во Малезија каде им дал 7 голови на Арсенал, Баерн, Јувентус, Ајакс и Фламенго, и наместо да тренира со Малдини, Пирло и Кака, го ашкаа на позајмици во Дижон, Лил и Монако. А потоа трансфер во Сент Етјен.

Продажбата на младиот Габонец изгледала чудно тогаш и не му се допаднала ниту на тренерот на младинците Филипо Гали: „Јас не го донесов решението. Пјер е многу корисен играч кој брзо учи и се адаптира на новите услови. Има огромен потенцијал“, се сетил Гали на Оба.

Во истовреме во младинците на Милан во нападот играле Алберто Палоски и Давиде Анчелоти (син на славниот тренер Карло), па за Обамејанг сметале дека нема доволно простор.

Тогаш разочаран Обамејанг рекол: „Не веруваа во мене и затоа сега сакам да докажам дека згрешија“.

Тоа стигнало многу подоцна, во 2015-та година кога после финалето на Лига на шампиони каде Обамејанг бил како гледач му пришол Адријано Галијани, тогашниот алфа и омега во Милан.

„Кога ме виде се израдува: ’Знам дека не можеш да се вратиш сега, но ако некогаш посакаш - добродојден си“, памети Обамејанг што му рекол Галијани на „Сан Сиро“.

Денес Пјер-Емерик Обамејанг е главна ѕвезда на Габон иако во младоста за него имале сериозно варијанти да игра за Италија (го викале во репрезентацијата У-18) и Франција (дури и дал гол во единствениот меч за У-21). Одлуката да игра за Габон била свесна.

„Тоа беше семеен избор и избор на моето срце. Сакав да станам пример за мојата земја и цела Африка. Ако во Габон луѓето бидат среќни од тоа што го правам - сум успеал. Моја желба е да играм на Светско првенство со Габон“, изјави пред неколку сезони Обамејанг.

Светкава облека од мајка му, танцот од поранешен соиграч

Семејството Обамејанг асоцира неколку работи: неверојатно брзи автомобили, чевли со светки, претенциозност, помпезна слика и провокативно однесување.

Ако страста за лудо возење ја развил самостојно, љубовта кон Swarovski и Philipp Plein му е наследна од мајка му. Маргарита Креспо Обамејанг водела бутик и често го носела синот на работа со неа: "Ме носеше во својот бутик каде продаваше многу светла облека со силни бои. Така од детството имам љубов кон такви нешта".

Обамејанг денес има сопствен бренд на гардероба којшто го нарекол PEA17 (почетните иницијали и бројот на дресот во Борусија Дортмунд). Во септември 2017-та во соработка со компанијата New Era пуштил во производство неколку маици од овој бренд.

Често изгледа и се облекува нестандардно дури и на теренот. Во декември 2012-та пред мечот со Лион излезе на терен со копачки на кој имало драгоцени камења од Swarovski, со грбот на Сент Етјен на десната копачка и ѕвездички од внатрешната страна.

„Не е удобно во такви копачки и тешко се контролира топката. Но може да трча спокојно и да шутира на голот“, рекол еднаш дизајнерот Пјер Наваро.

По трансферот во Борусија Јирген Клоп му наложил на Обамејанг да не облекува такви копачки и го посоветувал да носи обични како сите.

Габонецот го послушал, но брзо нашол нова занимација. При секој негов гол, а се изнадава многу, ставаше маска од Супермен, Бетмен и Спајдермен и му ги посветуваше на синот Кертис кој ги обожавал овие суперхерои:

„Тој е единствениот суперхерој во моето семејство и често ги гледаме неговите миленици на телевизија. Имаме уште и маски од Халк, Капетан Америка и Барт Симпсон. Само последната не се појави на нашиот стадион зошто е преголема и нема кај да ја сокријам“, раскажал неверојатниот шпиц.

Обамејанг многу сака и да танцува. На тоа го научил и навлекол некогашниот соиграч од младинците на Милан Џанмарко Кампирони. Благодарение на него Пјер-Емерик има цела колекција весело прославување голови на ЈуТјуб

Нивната дружба почнала уште одамна.

"Бевме на турнирот во Вијареџо и престојувавме во ист хотел со Интер. После еден тренинг бевме многу расположени зошто со Пјер ја добивме битката против снажниот Марио Балотели и неговата екипа", раскажал Кампирони.

Италијанецот насекаде го поддржува својот другар ден денес. Во 2014-та година кажал дека Обамејанг сите успеси му ги должи на Милан што не му дал шанса да игра за тимот од „Сан Сиро“:

„Тоа беше одмазда за тоа што не веруваа во него. Денес фудбалер со негов талент и навики лесно би заиграл во првиот тим“, вели Кампирони.

Смелоста на Обамејанг често ја поврзуваат со ароганција и дрскост, но тој тврди дека секогаш стоел цврсто на земја.

„Често прашуваат дали ме нервира што толку многу се фотографираат со мене и бараат многу автограми. Секако дека не. Јас отсекогаш сум мечтаел за тоа и затоа не се жалам. Во детството самиот сакав да се сликам со ѕвездите и знам колку тоа им значи на навивачите“.

Мечтаел да игра за Реал, има тетоважа од презимето Креспо

Во 2015-та година кога потпиша нов договор со Дортмунд, Обамејанг призна дека во детството сакал да игра за Реал и дека му ветил на дедо му дека еден ден ќе премине во Мадрид.

„Потпишав договор до 2020 година, но искрено имам желба да заиграм во Шпанија. Дедо ми беше голем навивач на Реал Мадрид. Пред една година почина. Му ветив дека еднаш ќе заиграм во Шпанија“, вели Оба.

Веќе во 2016-та Пјер-Емерик изјавил дека Реал е едиствената екипа која што може да го тргне од Дортмунд: „Никој веќе нема да може да ме отргне од овде. Ако не дојде понуда од Мадрид, јас останувам во Борусија. Ако има некаква шанса за таков трансфер, без размислување ќе кажам да. Но никакви контакти немаше“.

Љубовта на Обамејанг кон Реал ја потврдила дури и мајка му:

„Во детството како мал секогаш зборуваше за Мадрид и никогаш за Барселона. Би сакала да го видам во бел дрес“, изјавила мајка му која ни на сон не помислила дека синот ќе заигра во бел дрес но на Арсенал.

Обамејанг има повеќе омилени фудбалери отколку клубови. Во разни етапи од кариерата изјавувал дека омилени фудбалери му се Сидни Гову и Сони Андерсон, зборувал за важноста на Дидие Дрогба и Самуел Ето за Африка, а од останатите го обожавал Хернан Креспо. Во чест на Аргентинецот Обамејанг дури и ставил тетоважа "Crespo For Life" на левата рака.