Крај на фудбалските активности за Џек Ворнер

Етичкиот комитет на ФИФА му даде доживотна забрана за работење во фудбалот на 72 годишниот бизнисмен и политичар од Тринидад и Тобаго, кој во САД е обвинет за рекет и перење пари.

Поранешниот заменик претседател на ФИФА, Џек Ворнер се откажа од управното тело на светскиот фудбал во 2011 година, откако беше суспендиран поради обвинувања за корупција и мито на претседателските избори.

ФИФА денеска соопшти дека Ворнер правел и други незаконски дејствиа.

„Етичкиот комитет со кој претседава Ханс Јоаким Екерт, одлучи да му забрани на поранешниот заменик-претседател на ФИФА и член на Извршниот комитет, како и претседател на КОНКАКАФ, Џек Ворнер, доживотно да не може учествува во било каков вид на фудбалска дејност на национално и меѓународно ниво“, стои во соопштението.

Од таму соопштуваат дека одлуката е донесена од страна на истражните комори на Комисијата за етика, а се однесува на наддавањето на процесот на Светските првенства во 2018-та и 2022-та година.

Ворнер доби “донации“ од Австралија за да им помогне да ја добијат битката за домаќини на СП 2022, а потоа прими мито и од Катар.

Оваа одлука од Светската куќа на фудбалот доаѓа откако американските власти бараат Џек Ворнер да биде екстрадиран во САД поради тоа што е обвинет за рекетирање, измама и перење пари.

Пред пет дена Швајцарското обвинителство покрена кривична постапка против Сеп Блатер кој се сомничи дека учествувал во криминални малверзации и проневери.

29 септември 2015 - 14:09