* пишувано во 2008 година, кога Борис Дежуловиќ живееше во "паралелниот универзум", во Белград.
Во моментите кога ги читате овие редови, еден професор во големата лабораторија покрај Женева, на тастурата ќе притисне „ентер“ и два протонски снопа, секој од по сто милијарди честички, ќе тргнат низ кружните цевки на големата, 27 километри долга центрифуга на подземниот акцелератор, сè додека за некоја недела не се сретнат во величествен судар од 14 тера-електрон-волти. Последно што ќе видиме ќе биде тој фамозен Хигсов бозон, истата онаа „божја честичка“ од која пред 15 милијарди години настанал космосот.
Сè ќе заврши брзо, ништо нема да боли, нема ни да осетиме. Ќе се распрснеме во голема експлозија, црна дупка под Швајцарија ќе нè цица како мизерни космички вошки и ќе не префрли во некоја паралелна димензија, ќе се создадат страшни јата кваркови што ќе ги преуредат молекулите на сите познати супстанции и ќе ја претворат Земјата во огромно вселенско ќофте, или оние злогласни магнетни монополи, кои ја претвораат секоја материја и форма во други, сосема случајни и глупави супстанции и форми, така што вие, држејќи го Глобусот во рацете, удобно лежејќи во двосед, во момент ќе се претворите во кисела краставица со коцка шеќер помеѓу перките, удобно лежејќи во пластичен пепелник со знак на Карловачко пиво.
Вака, или којзнае како сè поинаку, ќе заврши денешниот историски експеримент во подземната лабораторија на ЦЕРН, за што зборува целиот научен свет: астрофизичари од сплитските и белградски пазари, доктори на науки од провинциските парохии, академици од крчмите на железничките станици и експерти за колумни, сите одеднаш дипломираа физика, а како втор предмет филозофија или теологија, па компетентно сложуваат загрижени лица и и живо дискутираат за сериозните пропусти на експертите на ЦЕРН.
- Ова не ќе оди на добро во Швајцарија - го слушав пред некој ден на пазарот во Калениќ продавачот на кајмак од Мрчајевци, додека полнеше сад за еден постар човек. - Ѓаволот е магнетски монопол.
- Не се секирај ти за магнетниот монопол, туку наполни ти тоа убаво - одговара клиентот. - Немој триста килограми да ми увалуваш како пола кило. Последен пат дома донесов полупразна тегла.
- Их бре, будала! - презирно одговара продавачот. - Ако ич од малку се разбираше во кајмак , ќе знаеше дека нема празен простор во квантната физика. Она што го гледаш како полупразно, тоа се случајни флуктуации.
- Немој ти мене да ме учиш - се налути чичкото. - Знам јас што се флуктуации и што е закривеност на простор-времето. Тие празнини во тегла кајмак можеби и се простор-временска пена, но сè додека лажните меурчиња од вакуум не пораснат експоненцијално до големина на протон, тоа е сè, само кајмак не е. Убаво напиши: пена простор-време за седумстотини динари за килограм, па нека ја купува таа пена кој сака. А јас не сакам пена простор-време, туку кајмак.
- Немој да ситничариш - влета во дискусијата жена во марама со дезен на ружа, Стана од Лесковац. - Кога тоа протоните ќе удрат во Женева, има цела земјина топка да ја претворат во кајмак. За цена од половина килограм, ќе добиш пет квадрилиони тони.
- Шест - дофрли оној од Мрчајевци.
- Што шест?
- Шест квадрилиони тони е тешка земјината топка. Кило помалку, кило повеќе.
- Ти да ја правеше, ќе немаше ни два квадрилиони“, нафрли чичкото, а друштвото во дуќанот прсна да се смее.
- Пет милијарди долари слупал Швајцарецот за да изгради хадронски забрзувач и да направи лажен вакуум, а ти го направи за моиве триста и педесет динари - не застанува чичкото, задоволно смеејќи се на своите шеги.
- Будалаштини - се вклучи продавач на павлака од Љиг. - Судири на протони се случуваат секој ден, тоа е нормална работа. Овие само ќе предизвикаат вештачки судир во тунелот за да го фатат бозонот на Хигс. Каков бре лажен вакуум, какви црни дупки, какви бакрачи, ајте ви се молам. Плашат народ за да не мислат наа цените на бензинот.
- Така е, кај нас утрово се судрија двајца, во тунелот Штавица - потврди од соседниот штанд бабата од Севојно. - Се најадоа чварки, се напија слива, па кој попрв низ тунелот. Чвакорвите ги претворија во безоблична маса, начисто. Право вика човекот.
- Баба, не се чваркови туку кваркови. И не се кретени, туку протони.
-Тоа и викам, морони, протони, иста работа - одговори старата жена.
- Права е бабата, иста работа - рече некој. - Ќе се тресе гората, ќе се роди глушец. Така ќе биде и во Швајцарија.
- Не би јас така гледала - рече Стана од Лесковац, вадејќи кајмак од голема бела канта. - Не е физика, туку филозофија. Ние многу се заебаваме со тие протони. Не џабе тој Хигсов бозон се нарекува божја честичка.
- И кој е тој Хигс па сега тоа да е негова честичка? - не се дава бабата. - Откако е овој Тадиќ, сè изнакупуваа странци.
- Јас сум со Стана, се сложи продавачка од другиот крај на дуќанот, пружајќи му на врв на ножот младо сирење на господин од Врачар. - Пробај, комшија, прав овчи. Од Плевља, нормално. Што сакав да кажам? Не е работата науката да ги пополни сите празнини во нашето знаење и да одговори на сите прашања за кои религијата досега ни беше доволна. Според мене, прашањето воопшто не е дали постои Бог, туку дали човек постои без неговата трансцендентална димензија. Просто, заради неа, треба да се остават дупки во знаењето. Четиристотини динари, комшија.
- Тоа и јас викам, мора да се остават некои дупки - едвај дочека оној од Мрчајевци. - Ама оди докажи му на човек. Во теглата мора да има дупки. Не е бре кајмакот тешка маса. Секој жив знае дека масата и енергијата на кајмакот се со еквивалентна големина. Пола кило е пола кило. Триста и педесет динари мало пакување, седумстотини големо, па ти жали му се на Ајнштајн.
Расправаат така светските физичари, подготвувајќи нè за уште една пропаст на светот. Заредија тие пропасти во календарот како светци, малку - малку па планетите ќе се подредат во формација која пред илјада години ни ја најавија ацтечките продавачи на кајмак, или ќе се постројат геостратешки интереси па НАТО ќе дојде на руски граници, или откриваме дека некој огромен астероид јуриша на нас, или ќе биде некоја згодна округла година - еве ги Јеховините сведоци организираат Армагедони како Сињска алка, никогаш во целата историја на човештвото немало толку многу пропасти како во последните десет години. Богами, оваа наша мала, валкана топка добро се држи колку пати е пропадната .
Хистеријата околу честичките Божји и црните дупки под Алпите ме потсетува на онаа одлична сцена од „Сирена“ на Ана Маликјан, кога измамник во пристанишен град на периферијата на руска провинција, на денот на помрачување на Сонцето, им продава на луѓето зачадени стакла за посматрање на пропаста на светот, па на крај со мегафон ги повикува „мирно да се разидат по дома“, бидејќи „крајот на светот само што заврши“.
Ќе заврши така и овој најнов крај на светот, ние мирно ќе се разотидеме и нема да ни се случи ништо што веќе го немаме искусено. Еве, на пример, тој Биг Бенг со кој нè плашат, големата експлозија што го создаде универзумот. Не мислите дека сме го искусиле тоа порано? Тоа кога ќе удрат протоните, а ние во тој судир се распрснуваме и со голема експлозија создаваме сосема нов универзум?
И после, сè од почеток: повторно првите флуктуации на свежиот пред-универзум, епохата на квантната гравитација, кварковска, лептонска и фотонска ера, првите квазари и протогалаксии, па експлозии на супернова, формирање планети, ладење на кората, повторно милијарди години до првата амеба, сите оние кенозоици и мезозоици, па водоземци, диносауруси и примати, па симни се од дрвото, па оди, па лови, па запали оган, па излези од пештера и гради куќа, па уривај ја куќата, па изгради, па сруши, па војувај, убивај, силувај, трпи пак туѓа власт илјада години, па Првата војна, па Втората војна, па повторно Југославија, па ај од почеток прави ја независна Хрватска, па пак Туѓман, Рачан и Санадер, пак Хаг, преговори и поглавја, сè на сè, петнаесет милијарди години заебанции за да дојдеме на дофат на Европската унија, сè додека повторно некој чуден професор во Женева не стисне „ентер“.
И така во круг, отсекогаш и за навек.
Сиот ум на светов се спрегна со спектакуларен експеримент да открие како настанал универзумот, а овој е создаден баш со спектакуларен експеримент пред петнаесет милијарди години, кога во некоја прото-Женева, извесен професор со плочка на белата спаваќица - да, да, баш тој од фреската на Микеланџело во Систинската капела - притиснал копче за сето тоа да заврши со голем блесок. Или да започне, зависи како гледате. Затоа, ако мене ме прашувате, искористете ги овие неколку недели до судирот на протоните во Швајцарија и платете крстарење по Медитеранот со одложени чекови за плаќање.
Но, тоа е само моја теорија. Како и да е, многу колеги не се согласуваат.
- Не може тоа така, комшија - вика еден од нив, го знаете, докторот по физика од Мрчајевци. - Платете вие за вашиот кајмак сега, а за петнаесет милијарди години, кој жив, кој мртов.
Борис Дежуловиќ