Фото-бомба на денот

Фото-бомба се вика кога неповикан ќе се испрчиш на нечија слика. Оваа е „на денот“ бидејќи натрапникот не е меѓу двајца луѓе туку меѓу две небесни тела.

Последното замрачување на Сонцето предизвика очекувана заинтересираност и стандардни муабети, дали може да се ѕирне со голо и незаштитено око или тоа инстантно ќе те оќори, дали правилото за задолжително користење заштитни наочари е плод на мафијата на нивните произведувачи и сл. Овојпат најголема пикантерија беше што американскиот претседател зјапаше во сонцето со голо око. И ништо не му се случи. Ама ок, Трамп и претходно беше слепец.

Една од најинтересните фотографии од овој настан е онаа на Џоел Ковски, фатена од местото Банер, во Вајоминг. И на неа се гледа како меѓу нас и Сонцето минува Меѓународната вселенска станица.

Зумирано:

Меѓународна вселенска станица, тоа се оние кои ни кријат дека Земјата е рамна. И баш никој од стотиците астранаути кои биле на неа во последниве 30 -тина години после се нема запиено на шанк и на тој до него да му каже: „Не смеам да кажувам, ама слушај, брат....“

25 август 2017 - 10:53