Мантии

Да не ги забораваме рецептите од минатото.

Потребни состојки:

  • 600 гр брашно
  • 2 рамни лажички сол
  • 1 рамна шеќер
  • 1/8 квасец
  • 350 мл млака вода
  • маргарин

Имам информација дека овој рецепт е санџаклиски и се надевам дека ми е точна информацијата. Рецепт правен пред многу години. До сега го немав нигде сретнато во јадачка форма, се додека не ме изненади мајка ми. Бидејќи многу љуби да меси, таа љубoв полека и мене ми ја пренесува. Оригиналниот рецепт е со мелено месо, јас го направив и со мелено и со зелка, чисто заради постите. Не дека е многу голема филозофија правењето, но сепак станува збор за месење и само по себе си ја добива тежината.

Чекори за подготовка:

  1. За вакви рецепти мерката треба да е точна. За во случај да не ви текнува дали сте ставиле нешто или не разделете ги во посебни посуди. За секој случај. Тоа малото е осмина квасец.

  2. Во пластичен сад ставете ги сите суви продукти. Со едната рака додавајте вода, а со другата замесувајте. Откако ќе го добиете тестото извадете го на површина и растегнувајте го. 

  3. Откако ќе стане мазно и убаво, вратете го во садот и оставете го да одмори 20 минути. Се разбира покриено со крпа на собна температура. По изминатото време, намачкајте го со зејтин, убаво да свети.

  4. Свртете го од обратната страна.

  5. Почнете во садот да го месите од надвор спрема внатре. Во круг.

  6. Месете го добри 5 минути, оформете убава тока и свртете го на мазната страна.

  7. Оставете го да одмори уште 10 - 15 минути. Извадете го на работна површина и поделете го на 12 еднакви топчиња.

  8. Секое топче посебно ќе го засукате за да добиете 12 исти форми во вид на пишии.

  9. Земете една, намачкајте ја убаво со маргарин. Ставете ја втората и неа намачкајте ја. Така со вкупно шест. Истата процедура со останатите шест. Ова го правам заради малата работна површина. Доколку имате голема работна површина, наредете ги сите дванаесет една врз друга.

  10. Расукајте ги убаво и со нож направете голема коцка која ќе ја поделите на мали и истите ќе ги полните со фил по желба. Спојте ги двата краја.

  11. Спојте ги и другите два краја и ќе добиете плико форма.

  12. Спојте ги убаво крајчињата за да не испадне филот и така направени редете ги во голема тава.

  13. Намачкајте ги со растопен маргарин. Ставете ги во претходно загреана рерна на 250 степени 10 минути. Потоа намалете на 190 степени и допечете ги уште 20 минути.
  14. Послужете ги со павлака измешана со лук и сол. Ова е набитниот дел за мене :)

По правило:

Ако не постите, оригиналната верзија е со путер, многу путер!
29 март 2016 - 12:46