Чоколаден мус

Ако не можете да чекате празник, нека биде ова десерт за секој ден!

Потребни состојки:

  • 200гр чоколадо
  • 500мл слатка павлака 
  • 4 јајца (жолчки)
  • 60гр шеќер
  • орео колачиња

“Се јави ли кај нана ти?“

“Се јави ли кај тетка ти?“

Мислам дека овие две реченици ми се врежани во глава за цел живот и секогаш ми се појавуваат кога ќе дојде 8ми Март. До толку многу се силни, што во текот на денот панично извикувам “Хиии, кој ден е, леле заборавив да се јавам!!“ Благодарение на мајка ми, никогаш не заборавав да се јавам и да честитам.

Постарите генерации си го сакаат овој ден многу. За многумина има различно значење, но јас си знам кое е за моите блиски. Овојпат, наместо регуларниот цвет, решив да подарам малку поинаков цвет. На многумина не им беше јасно што постирам, поточно зошто сликам нане во саксија, но со овој рецепт цела дилема ќе биде разјаснета. :)

Чекори за подготовка:

  1. Одвојте ги белките од жолчките. Ставете ги жолчките во еден сад за матење и додадете го шеќерот. Матете со јака брзина додека не се направи кремаста смеса, околу 4-5 минути.

  2. Во мало тенџерче, пола од слатката павлака ставете ја да зоврие. Половина од павлаката ставете во јајцата. Убаво промешајте и целата смеса вретете ја назад во тенџерчето. Мешајте додека не се згусне, не треба да врие.

  3. Тргнете го на страна и додадете го чоколадото. Јас ставив Милка, во продавничка кај мене немаше за готвење. Убаво би било вие да ставите за готвење, нема да биде толку благо, но доколку сте љубители на благото, ставете милка или чоколадо по ваш избор.

  4. Мешајте додека не се растопи чоколадото.

  5. Оставете ја смесата да се излади со повремено мешање. Препорачливо е да ја ставите во фрижидер, но и не морате, јас не го направив тоа. Едноставно немав трпение. :) Додека се лади, ставете ја другата половина од слатката павлака во сад за матење и направете цврст шлаг.

  6. Додадете ја изладената чоколадна смеса и со лажица или спатула полека измешајте ја за да се соедини.

  7. Веќе добивте мус. Префрлете го во мали садови и ставете го во фрижидер. Јас го ставив во мали саксиички кои се наменети за кулинарска употреба, не се обични за цвеќе. :) Одозгора ставив дробени орео колачиња, за да го доловам ликот на земја и во самата смеса брцнав гранче од нане.

  8. Резултатот беше одличен, а вкусот на мусот врвен. Оние кои го пробаа рекоа “Ммм, ова е како сладолед, а не е сладолед и како е вака пенесто и преубаво!“ 

Хинт:

Ви препорачувам да употребите Дорина чоколадо за готвење!
10 март 2018 - 14:26