Со грант од 70 милиони евра преку Западнобалканската инвестициска рамка (WBIF), ЕУ го финансира најголемиот еколошки инфраструктурен проект во земјата - пречистителната станица за отпадни води за Скопје. Проектот ќе опфати околу 500.000 жители, значително ќе го подобри квалитетот на водата во реката Вардар и ќе придонесе за подобро јавно здравје и заштита на животната средина.
Паралелно, преку европски проекти се зголемува производството на обновлива енергија, меѓу кои и проширувањето на ветерниот парк Богданци, како важен чекор кон намалување на зависноста од фосилни горива. Дополнително, во јули 2023 година, Европската инвестициска банка одобри кредитна линија од 100 милиони евра, спроведена преку Развојната банка, наменета за зелена трансформација на малите и средни претпријатија. Средствата се користат за соларни панели, мерки за енергетска ефикасност и чист транспорт.
Овие инвестиции ја поддржуваат и националната климатска политика. Владата го усвои Националниот придонес кон Парискиот договор, со цел намалување на емисиите на стакленички гасови за над 50% до 2030 година, а Македонија беше и првата земја во регионот што поднесе Предлог-закон за клима усогласен со ЕУ. Со европска поддршка, земјата чекор по чекор гради поодржлива и поздрава иднина.
Преку вакви проекти, ЕУ ја поддржува трансформацијата на македонските општини во почисти, поодржливи и попаметни средини, каде зелените решенија стануваат дел од секојдневниот живот на граѓаните.
(Комерцијален текст)