Видено низ партиски наочари, сè е сомнително. Ние денес најавивме најјак прес на светот, а Трендо објавува интервју со Ентони Бордејн? Каков предавник! Али ок, и да го водев сајтот на “Храна и вино”, таа параноја пак ќе беше иста. Од чија ли е сега тој, зошто баш сега таков сајт? И идиоти ќе мислеа дека секој ден прво треба да им се изјаснам за дневните теми на кои се напалиле на Фејсбук, па дури потоа да пристапам кон рецептот.
Уште од спотот на Боб Дилан со Гинзберг во позадина за песната Subterranean Homesick Blues, овој вид на пауер поинт презентација со листање аналогни слајдови претставувал моќен начин да се нагласи и засили некој текст или порака. Тоа го знае и овој мега-цар кому му извадиле муабет дека е глуп. Јас глуп? Сега ќе прочитате нешто!
Боб Дилан ја има Hard Rain's Gonna Fall а газда Мамиќ од Живинице го добива овој адвертајзинг еп, благодарејќи на триото Мирсада и јарани. Ова да се чуе на финале на Супербол, веќе ништо нема да биде исто на овој свет таговен.
Патакот во интервјуа некогаш знаеше да биде дрчен, да гунѓа, да е незадоволен од третманот... просто, да го има „малку премногу“. Денес е сторен прав поглавица: мек и стишан, ненаметливо мудар, комплетно во синк со тоналитетот на своите емоции. Убаво интервју за една бугарска телевизија во кое новинарката (иако со ужасна дикција!) знае да постави вистинско прашање и потоа да му го препушти лулето на „Бикот со жичана душа“.
Годината е 1989-та. Од една страна на железната завеса Лени Кравиц и Стоун роузис ги издаваат своите деби албуми, на рипит се вртат „Like a Prayer“ на Мадона и „You Got the Look“ од Роксет, Нил Јанг и Дилан прават камбек албуми, Ред хот од четврти пат успеваат да влезат во листата топ 100, Квин си грмат, Бисти Бојс си газат а разгалената западна младина во задимени клубови полни со алкохол и дроги ги слуша овие музики. На другата страна на завесата, вака:
Во 84 година од животот деновиве почина Раша Попов, новинар, забавувач, учител и симбол на многу детства. Зборуваше тој и за Боб Дилан и Марк Твен, за Гуливеровите патувања и најдобрите француски вина, но и за ѕвездите, осаменоста, љубовта и вистината...