Кој прави драма во индустријата за убавина?

Кој има проблем на темава, го носи кај @esteelaundry. Инстаграм акаунтот е отворен пред една година, а содржините им се од приватни пораки и мејлови - и од тогаш, без скрупул и скроз анонимно ловат и пердашат бјути-брендови за малтретирање, недостаток на диверзитет и културолошко присвојување, меѓу другото.

На пример, @esteelaundry беа први што ги издадоа Сандеј Рајли дека сами си ги пишуваат коментарите под производи. Никој не знае кој стои зад акаунтот, но од Д Кат успеваат барем да ги прашаат - што е финтата.

Која е целта на овој акаунт?

Креиран е пред една година. Почнавме да правиме безобразни ствари, на пример да покажуаме кој кого копира, но сега е поголемо. Сите мислат дека индустријата за убавина е само гламур, но има и мрачна страна. Сакаме да зборуваме за социјални прашања, транспарентност и недостаток на инклузивност и диверзитет.

На крај, сакаме Есте Лондри (Есте Перална) да биде платформа за потрошувачот, а нашите следачи да се чувствуваат безбедно кога сакаат да споделат приказна или некоја своја грижа. Ние обезбедуваме глас што ќе се чуе и можеме да им се спротиставиме на брендовите и да побараме одговорност од нив. Сакаме да ги заштитиме потрошувачите и да им помогнеме да донесат подобри одлуки. Темната страна на убавината ја прават големите брендови, чија главна цел е профит, на сметка на потрошувач. Многу од нив немаат ни етички бизнис практики. Не знаеме како ги третираат вработените. Јавноста добива сјаен, шарен маркетинг и реклами, но не гледаме што се случува зад кулисите.

Никогаш не се случило да објавиме нешто и некој да рече „не е така.” Се фокусираме еднакво и на нови и на стари брендови, дури и често критиката што ја добиваме од следачите е дека некои од брендовите за кои објавуваме се мали и немаат ресурси да реагираат на нашиот фидбек.

На кој начин се разликувате од Диет Прада?

Тоа е популарен акаунт, но ние повнимателно пристапуваме кон содржините. Често не им ни кажуваме на следачите што да мислат, туку споделуваме различни гледишта од нашите корисници. Целта ни е да почнеме дискусија. И комплетно сме неспонзорирани, па немаме омилени. Не фалиме брендови што ни нудат пари.

Кој стои зад акаунтот?

Група луѓе раштркани низ светот. Има тројца основачи. Се сметаме за колектив. Сите се дружиме - се знаевме пред да го отвориме акаунтот. Сите работиме со полно работно време во бјути-индустријата, на различни позиции. Ова ни е проект за во слободно време.

Кога вистински се рашири акаунтот?

Скандалот со лажните коментари на Сандеј Рајли нè стави на мапа. Бевме меѓу првите што го разоткрија тоа. Добивме многу внимание и реакција од самата Сандеј Рајли.

Пред месец-два ги искаравме Фенти Бјути заради едно безобразно име на хајлајтер - „гејша шик”. Го објавивме тоа и од брендот рекоа, „во право сте, ова е погрешно.” Го повлекоа од продажба. Ваквите мали ситуации прават да вреди сето ова.

Се сметате ли себеси за активисти?

Да, ова е движење. Се обидуваме да предизвикаме промена.

Како собирате содржини?

Повеќето доаѓаат во приватни пораки. Добиваме и многу мејлови, стотици дневно. Неодамна, откако зборувавме за некои тврдења за малтретирање во австралиската козметичка продавница Мека, добивме над 200 приватни пораки и уште стигаат. Сите ги прочитавме, иако не сме одговориле на сите. Ако некој од нас има резерви за некоја ситуација, не ја објавуваме. Мораме заедно да се договориме. Се обидуваме да имаме и докази: Ако нешто звучи чудно и не можеме да бидеме сигурни дали таа личност работела за компанијата за која ни дава информации, тогаш не објавуваме. Лесно е да се открие кои луѓе се искрени, а кои не. Се случува некој порано да работел таму и едноставно е лут. Ако еден човек деградира бренд, не објавуваме. Ако добиеме стотици приказни со слични искуства, тогаш е најверојатно вистина.

Некои луѓе ни пишуваат и позитивни искуства. И тие се обидуваме да ги објавиме. Се обидуваме да бидеме што е можно пообјективни и независни.

Дали би сакале брендовите да ве контактираат за проблемите што ги истакнувате во вашите постови?

Тажното е што тоа не се случува баш често. Често нè игнорираат или нè блокираат. На пример, Мека воопшто не одговори, а не им одговорија ни на нивните муштерии. Многумина сакаат да знаат што планира Мека и дали ќе воведат некакви промени. Ние сакаме да започнеме дијалог со брендовите. Инаку ако воопшто одговараат, тогаш се дефанзивни. 

Какви планови имате за иднината?

Имаме големи планови за профилот и сè уште не можеме ништо да кажеме, и сакаме да расте. Не се потпираме на реклами. Не промовираме производи. Никакви пари не течат. Нешто мораме да смислиме.

(Замислете кај нас да се појави анонимен акаунт со проблемите на текстилната индустрија!)

Види и:

Во свет, луѓето имаат поинакви проблеми од нашите
Или, што се случуваше во бјути индустријата и од што сè луѓето се вреѓаа.

27 ноември 2019 - 00:00