Што ако ставите „забрана за глупи муабети” на вашата следна забава?

Разговорите на тривијални теми, од тип на нашите „шо праиш - еве” и „како на работа?” почнуваат отворено да нервираат луѓе до степен да почнат да ги забрануваат на забави по дома.

small talk - учтив разговор за неважни и неконтроверзни теми, особено во друштвени ситуации.

Идејата за small talk толку знае да ги парализира луѓето, што сега ширум светот се организираат вечери, забави и собиранки каде што е буквално забрането да се меле без врска за времето, што кај нас може да се појача и до политика - само затоа што ние не знаеме да разговараме за политика како ставови и идеали, туку до толку сме ситни што мислиме дека политиката се врти околу едни двајца, кои до пред 10-тина години беа други двајца и така натаму.

Но, назад на светот, инспирацијата за ова потекнува од една статија во Wired каде што бихејвиоралните научници Кристен Берман и Ден Ариели пишуваат за една вечерна собиранка што ја организирале со оваа идеја. Како домаќини, обезбедиле картички за сите гости со примери за значајни разговори, како на пример превенција на самоубиство или садо-мазо однос.

Според авторите, „сите биле посреќни” без обврската да зборуваат за тривијални теми како времето или последниот спортски натпревар, а забавата завршила и со два закажани романтични состаноци.

Каролина Гавронски е основач на No Small Talk dinners, проектче почнато во Хонг Конг, кое сега се шири насекаде низ светот. На овие вечери, единствените правила се дека не смее телефони и не смее глупи муабети, како на пример „Како си?”, „Од каде си?” и „Колку време си во Хонг Конг?” Гостите добиле и картички со значајни теми за разговор (На сајтот на приме предлагаат, „Кој родител повеќе го сакаш?”)

Други домаќини организираат вечери смислени според моделот на Томас Џеферсон каде што исто така правило било да нема small talk. Таму, домаќинот бара од гостите да запишат на ливче теми за разговор, кои потоа ги става во кугла како за лотарија и сите си влечат тема.

Ако размислиме подлабоко, доста енергија и воздржување ќе треба за да елиминираме тривијални разговори во секојдневниот живот. Ако сепак имате таква желба, доволно е да претпоставите дека и личноста од другата страна размислува длабоко и дека и тој/таа сака да избегне разговор за времето.

А ако навистина завршите во ситуација каде што не можете да избегнете тривијалности, најпаметно ви е да престанете да се грижите за себе и да се фокусирате на тоа како се чувствува личноста пред вас.

16 април 2018 - 10:57