Здраво-живо Трендо и Офнетџии,
Не знам од каде да почнам, не знам како да почнам... Не ќе е првпат да се посочуваат небулозни состојби во нашево образование и конкретно учебниците, ама белки секое објавување на вакви од-умот-се-подизгубив работи, барем малку ќе придодонесе во поткревање на свеста на сите нас и најбитно на одговорните (тешка работа).
Имено, некни во „недостаток“ на мајка (мајка - субјект надлежен за образовни дејанија), требаше со ќерката да видиме, да научиме некоја (прва-втора) лекција од географија за 6-то одделение. Учебникот в раце и да видиме што е тоа нејасно.
Лекција прва: вовед во географија, историјат и поделби. Малце килаво, лошо објаснето, ама го пројдовме некако...
Лекција втора: небо (и хоризонт)... е тука веќе почнав да се збунувам, јас едно знам, таму друго пишува. Многу филозофирање за една иста работа (ајде од едно ќе измислиме две за да изгледаме поелоквентни!?), зашто, според мене, линија на хоризонт и хоризонт е истата работа, за линија на хоризонт може да се зборува кога хоризонтот се разгледува од геометриски аспект, како контура. Башка другите опишани и/или лошо објаснети работи. Значи малку точно, малку неточно, ама некако го „соџвакавме” и овој дел што повеќе ми личеше на „сакам кажам, не знам речам”.
И сега следува:
Лекција трета: вселена! Уффф! Изгледа за да е соодветно на лекцијата, напишаното беше како аут-оф-спејс. Леле мајко, кај се фатив јас за книга... реченица прва, зборови воведни:
големиот воздушен небески простор...
Воздушен? Небески? Веќе ми е крената коса на глава. Тераме понатака: најсовремени дурбини... дурбини? Па добро бе, си викам, толку ли е тешко да напишеш телескопи? Малку се чудам со неверување, се потсмирувам, ама за беља пак ја прочитав првата реченица, небаре барав потврда дека ми се причинува....Ааааааааааааа! Воздушен! Се испотив од нервоза, ама си викам „шибај даље“, дај ова побрзо да го завршиме.. а „даље“: воздушниот простор на вселената е син, па сив, па темен... небаре Зоки Поки ѝ го купува сиот свет на Лидија... па што се чудам, вселената е сиот свет, и син и сив и темен и воздушен и п.м.
Како-така помина учењето, се објаснивме што-е-што, ама па еве, два дена од глава не ми излегува дилемава кој, како и зошто пишува, одобрува и издава учебници. Па добро бе, дали дотичнава го има завршено ова ниво на образование за кое пишува? Ај добро таа, ами овие тројцава што се натопориле како рецензенти, што со нив? И после на екстерно, прашањето за вселена ќе биде: дали вселената е воздушен простор и во која боја? А да го реорганизираат екстерното да биде за учебникари, рецензенти, советници, комисиски членови, министри за нЕука и др. управувачки субјекти?
На сите ни е јасно како функционираат работите кај нас (па и пошироко)... наши, ваши, буџети, средства, врски, „мрски“, држ-не-дај, ми намигна - ти намигнав. Јасно ни е дека треба „некој“ да напише учебник, дека треба „некој“ да рецензира, дека треба „некој“ да испечати итн, ама па, да му се невиди, направи го како што треба тоа за кое си „лапнал“ (од колачот). И не само за учебниците, за сè! Ме заболе кој за што зел, го пикнале, го избрале... дај барем оправдајте го тоа, ако не со одлично (дел), барем со добро (дело)... ова вака на ништо не личи.
Ете така, ќе се „изнасереш“, ќе се „испукаш“ и на крај пак останува чувство на „тупавост“ (очај?)... Некако ми е малку „глупо“ што ги праќам децата на училиште (а кој е изборот?) и веќе некако нема значење она старото „учи синко школо...“
необразуван родител,
Максим Т.
П.С. Се надевам наставниците не им предаваат на децава како што пишува во учебниците...